Денот на независноста одбележан во Куманово

08.09.2021 14:37 | Сузана Николиќ

Со положување цвеќе пред Споменикот жена борец на Градскиот плоштад, денеска во Куманово беше одбележан Денот на независноста на Република Северна Македонија.

Денот на независноста одбележан во Куманово

Делегации од Сојузот на борците, Општината, Советот, АРМ, МВР, политички партии, јавни претпријатија, училиштата, невладините организации и граѓани, присуствуваа на прославата.

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, им го честиташе празникот на граѓаните и потсети дека на овој ден пред 30 години граѓаните на референдум одлучија за осамостојување и за формирање на самостојна и суверена Македонија.

„Оваа 30 годишнина ни дава за право да кажеме дека немаме друга опција од онаа да ја направиме оваа држава пристојно место за живеење. Немаме друга опција освен да го решиме целосно криминалот и корупцијата коешто секојдневно не гази. Немаме друга опција освен да дадеме се од себе за демократски амбиент во оваа држава. Да се почитува различното и туѓото мислење. Ние немаме време за чекање, немаме време за повторни грешки затоа што народот е уморен од битки кои немаат победа, туку имаат продолженија на состојбата на беспомошност“, кажа во својот говор Димитриевски.

Тој додаде дека револуционерно Куманово е пример за тоа како е да се живее во мултиетничка содржина, каде на сите граѓани и им дава еднакви можности на сите за развој. 

„Куманово е град на Македонци, Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, Срби, Власи и сите кумановчани кои живеат во него и кои негуваат меѓусебна грижа, почит и разбирање. Куманово е град на демократски вредности, каде се почитува и вреднува секое различно размислување. Град на солидарност и хуманост. Град на борба и град каде пукна првата пушка. За тоа се бореа нашите претци, за тоа ќе продолжиме да се бориме и ние“, додаде Димитриевски.

Денот на независноста на Македонија ги подели наместо да ги обедини претставниците на јавниот и политички живот во Куманово. 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk