Одбележан Денот на ослободувањето на Старо Нагоричане

12.11.2021 18:44 | Сузана Николиќ

Старо Нагоричане е познато по големиот придонес во НОБ и извојувањето на слободата и независноста на македонската држава. Овој ден го посветуваме на сите кои се вложиле себеси во изградба на државата и општината. Но, овој ден го посветуваме и на иднината на новите генерации, истакна градоначалничката на Старо Нагоричане Жаклина Јовановска, на прославата на 11 Ноември - Денот на ослободувањето на општината.

Одбележан Денот на ослободувањето на Старо Нагоричане

„Должни сме да обезбедиме подобар и поквалитен живот на местото на нашите претци. Да продолжиме да создаваме, да градиме и да постигнуваме нови успеси и резултати. Тоа го можеме само сложни, единствени и здружени, какви што бевме досега. Да продолжиме да го градиме тој пат и да отвораме нови видици за нашата општина“, додаде градоначалничката.

Таа додаде дека развојот на една локална заедница не е успех на визијата на поединеци, туку е резултат на посветеноста на стручниот тим и сплотеноста на целото население, обединето во градење на напредокот, европските вредности и подобар живот за сите.
    
Притоа изрази благодарност до сите жители на Старо Нагоричане, кои ги препознаа заложбите на нејзиниот тим и повторно дадоа доверба да ја води општината и во наредните 4 години. 

Почетокот на новиот градоначалнички мандат на Јовановска се совпадна со одбележувањето на Денот на ослободувањето на Старо Нагоричане и 77 години слободна и демократска општина. 

„Веќе ги познаваме проблемите, имаме стратегија и план како да го продолжиме континуитетот на започнатиот развој  и да изградиме модерна и современа локална самоуправа. Наш приоритет и понатаму ќе бидат потребите на граѓаните и решавањето на нивните проблеми од патната и комунална инфраструктура, урбаната изградба, комуникациските врски, подобрување на социјалната и здравствена заштита, културата и спортот“, додаде Јовановска.

На свечената седница беше прикажана видео презентација за достигнувањата и реализираните проекти во изминатите 4 години, по што следуваше културно-уметничка програма.

На прославата присуствуваа гости од Беране, Црна Гора, Свиница, Романија, Трговише и Врање, Србија, Крива Паланка, Куманово и др.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk