Одбележан Денот на превентивно работење во полицијата

10.12.2019 14:18 | KumanovoNews

 Општински совет за превенција од детско претстапништво, Општински совет за безбедност на сообраќај на патишта и Локалната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, се само дел од телата кои функционираат, заради превентивно дејствување и спречување на појава на девијантните појави во Општина Куманово.

Одбележан Денот на превентивно работење во полицијата

Во овие тела членуваат претставници на институциите и граѓаните.

„За истакнување е тоа што на локално ниво, со институциите, локалната самоуправа и Советот на Општината , имаме добра поврзаност, соработка и комуникација, а се со единствена цел градење на поголема безбедност на сите граѓани, што впрочем е и нашата цел“, - изјави Виолета Богдановска, началник на Секторот за превенција.

По повод Денот на превентивното работење во полицијата - 9 декември, Секторот за превенција, при СВР Куманово, презема повеќе активности во текот на целата недела.

 „Мешани патроли на родители и деца беа во обиколка на угостителски објекти и на места на отворен простор каде што малолетни лица во текот на ноќта се собираат и престојуваат, потоа организиравме трибина „Болести на зависности, препознавање, помош и заштита“. Вчера имавме турнир во одбојка во основното училиште „Вук Караџиќ“, - додава Богдановска.

Активностите ќе продолжат и во наредниот период, со одржување на регионален турнир во мал фудбал.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk