Одбележан Светскиот ден на старите лица

01.10.2015 11:14 | KumanovoNews

Со организирање на шаховски турнир, Здружението на пензионери Куманово го одбележа 1 октомври-Светскиот ден  на старите лица, а воедно турнирот е посветен и на претстојниот празник 11 Октомври. 

Одбележан Светскиот ден на старите лица

Во пензионерскиот клуб во населбата Тоде Мендол, се натпреваруваа во шах пензионери од Тоде Мендол и од населбата Гоце Делчев. 

Цел ни е да се дружиме, да соработуваме со пензионерите од другите ограноци, да бидеме поактивни. Се натпреваруваат две екипи од по четири члена. Имаме подготвено благодарници за сите учесници. Ние сме во трета доба и го одбележуваме Светскиот ден на стари лица. Овој клуб е отворен пред 4 години, а огранокот брои 700 пензионери и е еден од најголемите - изјави Јовица Стојчевски, претседател на огранок на пензионери од Тоде Мендол. 

Клубот работи секој ден од 17 часот до 20.30 часот. Тука пензионерите играат шах, карти, табла, домино, читаат весници и организираат други активности. 

Пензионерот Стојадин Ѓорѓевиќ  вели дека цели 57 години, почнувајќи од 15 години игра шах. 

Важно е да се има љубов кон шахот. Се развиваат способности, но има една лоша страна, навика е и не може човек да се одвикне. Во тек на 24 часа има време за играње на шах. Убаво е да се дружиме, човек ако се затвори дома лошо е - рече  Ѓорѓевиќ. 

По повод Светскиот ден на стари лица, денеска десетина поети го посетија Домот за стари лица “Зафир Сајто“ каде одржаа поетско читање, а настапи и КУД„Ѓоко Симоновски“ со неколку точки.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk