Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Пробиштип денеска беше одбележана осумдесетгодишнината од загинувањето на Доне Божинов. На поменот присуствуваше и цевќе положи делегација од Куманово, составена од членови на семејството, Сојузот на борците- Куманово и Здружение на жени „Нада Михајлова“.
Доне Божинов, како командант на вториот баталјон загина при нападот на фабриката за преработка на руда во Пробиштип, во пролетната офанзива во 1944 година, а Нада Михајлова била ранета, и не успеала да се повлече од борбените позиции. Окупаторот ја заробил а на 7 април заедно со уште десетина партизани била стрелана во близина на Штип.
Одбележувањето на нападот на партизанските единици на Пробиштип и пробиштипските рудници во село Добрево беше во организација на Сојуз на борци – Пробиштип и Општина Пробиштип.
„На присутните им се обрати градоначалникот на Пробиштип, Драган Анастасов. Во културно – уметничката програма се прочита песната „Пробиштип на Доне“ од Ацо Шопов, кој е негов соборец и лична творба од Зора Ивановска Претседателка на ЗЖ „Нада Михајлова“ која е посветена на младата партизанка“, истакна претседателот на сојузот, Цоки Ристовски.
Трета МУБ заедно со јужноморавските партизанските одреди добиле воена задача да извршат напад на германските и бугарските фашистички сили, кои биле околу рудникот во селото Добрево и во фабриката за преработка на руда во Пробиштип. Единствена цел била неутрализирање на окупаторот и ослободување на градот. Во овие борбени дејствија загинале десетици борци од партизанските единици, а дел биле заробени и подоцна стрелани.
Членови на Сојуз на борци Куманово традиционално, секоја година присуствува на ова свеченост.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk