Одбележани 15 години од конфликтот во кумановско

20.05.2016 13:37 | KumanovoNews

Претставници од АРМ, МВР, бранители, локалната самоуправа и семејства на загинатите војници и полицајци во конфликтот во 2001 година, денеска присуствуваа на трибината што ја организираше Здружението на резервни офицери на Македонија, по повод 15 година од конфликтот во Македонија.

Одбележани 15 години од конфликтот во кумановско

Во име на локалната власт, почит на загинатите припадници на македонските безбедносни сили и изрази на сочувство на нивните семејства, упати претседателот на Советот, Максим Димитриевски.

 „Нашите сограѓани се впишаа во историјата за создавањето на македонската држава, ги дадоа своите животи за идните генерации за денеска да живееме во мир. Македонија гради мултиетничко општество како унитарна држава и таква треба да остане. Македонците, Албанците, Србите, Ромите, Турците, треба да го продолжат патот во заедничка држава со еднакви права“, - рече  во своето обраќање  Димитриевски.

На трибината се обрати и претседателот на здружението во Куманово, Синиша Богдановски, кој истакна дека сите треба да бидеме горди на бранителите и херои на Куманово, кои оставија траен белег во новата македонска историја, спротивставујќи им се на вооружените паравоени формации.

Веле Стојановски, полковник во пензија, во 2001 година работел на планирање на акциите во Првиот армиски корпус. Тој ги образложи акциите во липковскиот регион од почетокот на март до средината на јули 2001 година. При тоа истакна дека во нападите на вооружените групи се водела посебна сметка да нема цивилни жртви и да се почитуваат насоките на меѓународниот фактор.  Од оваа дистанца, Стојановски смета дека војната била изгубена поради низа причини.

„Зошто не победивме? Во сите наредби што доаѓаа се бараше  терористите да се истераат и да се воспостави власт во селата. Но, кого да истераме кога пратеници и претседатели на месни заедници беа команданти. Второ, акциите на АРМ и МВР беа некоординирани. Не се знаеше кој за што е одговорен и што треба да преземе. Тоа создаваше голема нервоза. Трето, стратегија топло-ладно, нападни па повлечи се не чинеше многу.  Немавме доволно информации, бидејќи месното население не соработуваше со македонските безбедносни сили. Исто така затаи и меѓународната политика, која беше многу пасивна. И на крајот, акцијата заврши таму каде што требаше да започне, во Арачиново, бидејќи таму беше центарот на терористите, - рече Стојановски.

За создавањето на македонската држава и проблемите кои се соочувала во периодот пред воениот конфликт зборуваше др.Ѓорѓи Малковски. Тој истакна дека македонските безбедносни сили совесно и стручно се справиле со вооружените групи.

На крајот на трибината на членовите на семејствата на загинатите војници и полицајци им беа врачени признанија, исто како и на 50 учесници од резервниот состав кои биле во редовите на македонските безбедносни сили.

Во конфликт во 2001 година загинаа 6 кумановци.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk