Одбележани 72 години од Пелинската битка

13.01.2016 12:38 | KumanovoNews

Во селото Пелинце денеска беа одбележани 72 години од битката помеѓу баталјонот Јордан Николов Орце и бугарскиот Бенковски.

Одбележани 72 години од Пелинската битка

Во оваа битка која се одиграла на 13 јануари 1944 година, загинале хероите Ангел Шајче и Трифун Ангеловски Летеќи. Пред споменикот во Пелинце цвеќе положија борците, градоначалникот со делегација од општината,  советници, здруженија на граѓани и други почитувачи на ликот и делото на борците. За значењето на оваа битка говореше борецот Спирко Зафировски, кој рече дека борците биле на возраст од 18 до 28 години, а  по победата на Бенковски се зголемил моралот кај партизаните.

Тоа даваше еден голем морал не само на војниците, туку и на селаните меѓу кои се движевме и зборевме за нашата победа. Бугарите беа со многу повеќе војска отколку нашите партизански единици. По победата на Пелинце, моралот порасна високо и пристапот од градови и села беше масовен. Тоа овозможи да се формира Третата македонска ударна бригада. Дојдоа многу борци кои видоа дека единствена  војска која се бори за ослободување на Македонија се партизани - кажа Зафировски.

Благе Јакимовски, секретар на Сојузот на борци Куманово објасни дека по оваа битка бугарската војска веќе немала пристап на ова подрачје. Тој вели дека Пелинце е место кое било база на партизаните.

До судирот доаѓа затоа што баталјонот Бенковски дознава дека на оваа слободна територија на Козјачија нема партизани. Се движеле слободно без некое посебно обезбедување. А зошто е тоа така? Така е затоа што активност имаат Бугарите, кои што цел полк во два правци го „чешлаат“ теренот од причина што на 29, 30 декември 1943 година преземаат мерки, со авион пуштаат летоци и ги задолжуваат сите машки лица од 18 до 55 години да се јават во полициски станици и со воз се префрлени на принудна работа во Бугарија - рече Јакимовски.

Тој додава дека овој полк стрелал 10 луѓе во селото Сув Орах и сакал да ги дисциплинира мештаните за да не им помагаат на партизаните.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk