Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Кумановскиот суд денеска се одложи судењето на Бобан Илиќ, осомничен за прегазувањето на Алмир Алиу (4) пред Здравствениот дом во Куманово.
Рочиштето не се одржа поради отсуството на вештаците од Клиниката за психијатрија.
Наредното рочиште е закажано на 24 март.
Судењето на Бобан започна на 15 февруари годинава, кога на главната расправа беа сослушани сведоците: мајката на детето, братот и девојката на Бобан, беа изведени доказите и прегледана видео снимката од местото каде се случила несреќата.
Бобан пред судот се изјасни дека не се чувствува виновен, а застапникот на семејството побара максимална казна за делото што го сторил.
Тогаш судењето траше 6 часа, а сведоците детално од свој агол го опишаа моментот како настанала расправијата, а потоа и физичката пресметка пред Здравствениот дом во Куманово.
Мајката побара Бобан да се казни со доживотен затвор, но рече дека тоа нема да ја задоволи правдата.
Наспроти обвинувањата на мајката дека Бобан и брат му се виновни за трагедијата, девојката и братот на Бобан тврдеа дека тие се жртви, бидејќи несреќата се случила додека се обидувале да побегнат од таткото на детето и негови роднини, кои ги нападнале.
Пред судот беше пуштена и снимката на која се гледа како автомобил мерцедес се движи по улицата додека по него трчаат три лица. Потоа колата се враќа и со голема брзина удира во сид покрај кој се три лица, по што настанува физичка пресметка.
Таткото на Алмир Сеат Алиу (37), неговиот брат и братучед се обвинети за насилство.
Убиството на Алмир се случи поради банална расправија на Бобан со неговиот татко пред Здравствениот дом во Куманово на 25 јуни минатата година околу 22.30 часот. Детето една недела по инцидентот им подлегна на повредите.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk