Одлуката за нов автомобил ги скара власта и опозицијата

02.07.2014 11:20 | KumanovoNews

Одлуката за набавка на нов автомобил за градоначалникот ги скара локалната власт и опозиција.

Одлуката за нов автомобил ги скара власта и опозицијата

Од ВМРО - ДПМНЕ денеска на прес - конференција го обвинија градоначалникот дека во услови кога општината и јавните претпријатија се во криза не е во ред приоритет да биде купување на нов автомобил.

- Сите проблеми во општината, се ставаат во втор план и нивното решавање се одлага со образложение дека недостасуваат средства и дека општината е во криза, а како приоритет се гласа одлука за нов автомобил за градоначалникот. Никој не ја оспорува потребата за набавка на нов автомобил, меѓутоа дали тоа е она што во моментов е најнеопходно,  за да се потрошат и онака минималните средства со кои располага општината. Дали новиот автомобил му е потребен на градоначалникот да оди од населба до населба и да им ја објаснува на своите граѓани причината за немањето доволно вода, - изјави Драган Петковски, советник од ВМРО - ДПМНЕ.

Градоначалникот Зоран Дамјановски му одговори дека новиот автомобил е неопходен, затоа што стариот што го употребуваат 9 години создава високи трошоци за одржување.

 Кога ќе се набави ова возило и какво возило ќе набавиме зависи од понатамошната финансиска ситуација на град Куманово. Ние донесовме одлука која буџетски е поткрепена за можно натамошно интервенирање во насока на набавка на ова возило. Се води популистичка политика за да се дискредитира локалната самоуправа и само како информација да кажа дека јавниот сектор на Република Македонија кога зборуваме за државни органи, агенции, нивните општини имаат над милион возила набавено во изминати седум години - рече Дамјановски.

Тој вели дека општината со домаќинско работење ги отплаќа судските долгови и во моментов е една од фискално најстабилните општини во Македонија.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk