Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Вакциналниот пункт во Куманово имунизирани се 200 деца од објавувањето на информацијата дека има три позитивни случаи на голема кашлица во Куманово.
Точно 175 се пријавиле во просториите на т.н Уред и уште 75 дечиња на училишна возраст ја примиле вакцината. И од утринава има зголемен број на пациенти – до пладневните часови вакцинирани се нешто помалку од 40 дечиња.
„Од започнувањето на смената во 7 часот утринава без престан има прилив на пациенти и работиме со полна пареа. Дел од нив се по редовниот вакцинален картон, но имаме задоволителен одѕив на дечиња кои се вакцинираат со Ди Ти Пер вакцината. Работиме во две смени, вакциналниот пункт е отворен до 19 часот“, истакнува д-р Валентина Богоевска, педијатар, началник на Одделението за вакцинација во Куманово.
Алармирани се вработените во градинките и училиштата, па и тие ги информираат родителите за да сe допре до што поголем број жители.
Одделот за вакцинација потврдуваат дека опфатот со имунизација против голема кашлица не е на задоволително ниво. Куманово, заедно со Струмица, има најмал процент на вакцинирани деца во државата и тој изнесува некаде на 70 проценти.
Во петокот беше потврдено дека три деца од Куманово се заразени со голема кашлица – на четиригодишна возраст, на 18 и 13 месеци. Сите се невакцинирани, а според информациите до кои успеавме да дојдеме ниту едно од болните дечиња не било запишано во градинка.
Голема кашлица или пертусис е бактериска инфекција која брзо се шири, исто како што се шири обичната настинка или грипот, а се пренесува преку секрет од кивање или кашлање, односно по капков пат. Бидејќи е бактериска инфекција потешка е за третирање, особено кај малите бебиња кои немаат изграден имунитет.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk