Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Граѓаните за политички теми најчесто се информираат преку интернет – 56 проценти, од кои 90,3 проценти до информациите доаѓаат преку социјалните мрежи, а 28,2 отсто директно од онлајн портал – медиумите, покажуваат резултатите од анкетата Еврометар 2023.
Само 13,8 отсто од граѓаните велат дека се информираат од онлајн платформите на постоечките радио станици или тв канали. На прашањето „како се информирате за политички теми“ најмногу или 56,5 проценти од испитаниците одговориле преку интернет, потоа следат 43,5 отсто преку телевизија, 12,5 проценти од пријатели/фамилија и 1,8 отсто преку радио. Околу 13,4 проценти од испитаниците одговориле дека не се информираат.
Виолета Глигоровска од Евротинк – Центарот за европски стратегии, посочи дека граѓаните можеле да изберат повеќе одговори на ова прашања, па така како прв избор социјалните мрежи биле за 81,6 отсто од испитаниците, за 16 проценти онлајн медиумите, а 2,3 отсто некоја онлајн платформа на постоечките радио станици или тв канали. Онлајн медиумите се втор избор за 53,1 отсто од испитаниците, потоа следат социјалните мрежи за 41,6 проценти од испитаниците. Онлајн платформите на постоечките радио станици или тв канали е трет избор за 94,8 отсто од испитаниците.
Анкетата ЕВРОМЕТАР 2023, е спроведена во текот на септември 2023 година на репрезентативен примерок од 1003 испитаници, од страна на агенцијата БРИМА на повеќестепен стратификуван случаен примерок на популација 18+ години, дизајниран според податоците објавени од Државниот завод за статистика и се базира на податоци од Пописот 2021.
Испитувањето на јавното мислење е спроведено во рамки на проектот „Медиумите за ЕУ“ - Програма на граѓанското општество за учество на медиумите во преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ со финансиска поддршка од Европската Унија.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk