Општина Куманово набави возила и опрема за зимско одржување на улиците

26.11.2022 15:20 | Оливера Пешевска

Со кредит од Светска Банка во износ од 62 милиони денари Општина Куманово набави опрема и современа механизација, за  јавните претпријатија „Чистота и зеленило“, „Куманово гас“ и „Куманово-паркинг“. Купени се камиони за зимско одржување на улиците, ровокопачи, трактори, дополнителна опрема и механизација, и пајак-возило.

Општина Куманово набави возила и опрема за зимско одржување на улиците

Денеска градоначалникот Максим Димитриевски и директорите на јавните претпријатија извршија увид во новата механизација и возила. Дел од нив се веќе регистрирани и подготвени за употреба, а за дел се чека да се извршат неопходните законски обврски.

„Набавени се 12 возила, плус дополнително ќе бидат обезбедени 2 или 3 возила од грант-средствата и одреден тип на полуподземни контејнери. Планирана е набавка на цистерна за летно миење на улиците и еден авто-смеќар со вгарден грајфер за празнење на истите полуподземни контејнери“, објасни Димитриевски.

Во поголемиот дел од годината, надвор од зимската сезона возилата ќе се користат за чистење на речни корита, расчистување на диви депонии, за одржување на зелено - цветни површини.

Се очекува новата опрема да заштеди финансиски средства од буџетот на општината, затоа што работата ќе ја вршат надлежните јавни претпријатија и нема да се одлеваат пари кај надворешни фирми-соработници.

„ Досега се трошеа од 14 до 18 милиони денари годишно за зимско одржување на улиците и јавните површини. Од пред три години издвојуваме 12 до 14 милиони денари од кои дел користи општинското јавно претпријатие „Чистота и зеленило“, а другиот дел приватен оператор. За годинава предвидени се 8 милиони денари на фирма, а од догодина проектирани се околу половина од досегашните средства“, посочи градоначалникот.

Постабилно и порентабилно работење со зголемување на капацитетноста во наредниот период предвидуваат и директорите на јавните претпријатија. Сметаат дека ќе се стабилизираат дополнително со новите возила и механизација и дека ефективно ќе ги сервисираат потребите на граѓаните и на Куманово.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk