Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово склучила договор во вредност од 9.440.000 денари за користење за 562 мобилни телефони за вработените во локалната администрација, објави на Фејсбук политичката партија Левица - огранок Куманово.
Тие тврдат дека податоците сe преѕемени од официјалната веб страница на Бирото за јавни набавки, а договорот „тежок“ 9.440.000,00 денари или околу 153,500 евра за набавка на 562 мобилни претплатнички линии е за потребите на Општина Куманово, основните и средните училишта, јавните претпријатија и јавните установи.
„Во договорот е наведено дека, по барање на Општината, може да се допушти зголемување на претплатнички линии за 20 отсто или за уште дополнителни 112 претплатнички линии. Оттука, не се знае дали бројката од 562 претплатнички линии е конечна. Од техничката спецификација дадена во прилог на договорот најголем дел од „колачот-претплатнички линии“ отпаѓа на јавните претпријатија „Водовод“, „Чистота и Зеленило“, „Куманово-паркинг“, „Пазаришта“, средните, основни училишта и градинки, како и на општинската администрација“, објави Левица.
Најмногу линии имаат ЈП „Водовод“ и ЈП „Чистота и Зеленило“ за 100 броеви, 59 броја има општинската администрација, 53 ЈП „Куманово-паркинг“. Бројот на мобилни претплати во средните и основни училишта варира. Така, во Гимназијата „Гоце Делчев“ има 5 претплатници, додека во ССОУ „Киро Бурназ“ има дури 12 претплатници.
„Вкупната вредност на овој договор од 9.440.000 денари е наменета за месечните претплати, и во истата вредност не се вклучени надоместоците кои општината ќе има обврска да ги надомести по основ на надминување на реализираниот сообраќај вклучен во месечната претплата и дополнителните искористени услуги кои не се вклучени во месечната претплата“, додаваат од Левица.
Тие јавно прашуваат на кој начин и по кои критериуми се утврдува потребата од мобилни претплатници. Дали постои механизам на контрола која ќе истражи, анализира и алармира доколку се злоупотребат ваквите привилегии?
„Левица ваквите трошоци ги оценува за непродуктивни кои се на штета на граѓаните, заради што сметаме дека истите треба неколкукратно да бидат намалени, особено ако се земе во предвид севкупната економска криза. Поради ова, Левица ќе поднесе Иницијатива со цел да се преиспита нужноста и оправданоста од толкав голем број на мобилни претплатнички линии. Бараме ваквите и слични трошоци да бидат сведени на минимум“, соопштуваат од партијата.
Со цел да дознаеме дали ваков договор постои и на кoј период е потпишан, кој ги користи службените телефони и како јавните претпријатија кои се дават во долгови имаат по 100 претплатнички броја, пративме прашање до Општина Куманово. Но, ни по два дена, денеска не успејавме да се слушнеме со вработените во Секторот за односи со јавност, за да ни кажат дали имаат намера да одговорат пред јавноста на овие сериозни обвинувања.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk