Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово четири дена не дава конкретен одговор како ќе го реши превозот на граѓаните во преодниот период додека да заврши тендерската постапка за избор на превозници за јавниот градски превоз.
Од Општината денеска во кусо соопштение одговорија дека активно се работи на доделување на лиценци за вршење на јавен превоз, во постапка која е во тек.
„При водење на постапката најпрвин се зема интересот на граѓаните, да им се обезбеди квалитетен, еколошки и безбеден јавен превоз, а не како во претходниот период да се води интерес за превозните компании на штета на услуга кон граѓаните. Во најкус можен рок, по целосна проверка на поднесените пријави за јавен превоз и утврдување на, пред се, еколошките и безбедносни параметри на возилата, кои се понудени од страна на превозниците, ќе бидат донесени и соодветни решенија и одлуки, со цел граѓаните на Куманово да добијат градски превоз, согласно сите европски стандарди“, стои во соопштението од Општина Куманово.
Граѓаните на Куманово од 1 јануари во новата 2022 година останаа без јавен презов и се оставени сами да се снаоѓаат. Проблемот со градскиот превоз настана поради тоа што доцни изборот на нови фирми за превоз на патници. Во меѓувреме, жителите на приградските населби на работа одат пешки, со такси или ги возат сопствениците на фирмите во кои работат.
Во моментот Комисијата за спроведување на постапка за избор на превозници за општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово, ги разгледува понудите на учесниците на тендерот и откако ќе заврши проценката ќе се знае кои фирми ќе биде ангажирани да го спроведат превозот во општината. Иако од општината најавуваат дека проблемот ќе се реши во најкус можен рок, сепак постапката може да се одолговлече и неколку месеци доколку има жалби и приговори по направениот избор на превозници.
Граѓаните сметаат дека задоцнетата тендерска постапка оди на нивна штета и ќе предизвика не само дополнителни трошоци за обезбедување на превоз, туку и секојдневни потешкотии за навремено извршување на работните задачи и неопходните потреби.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk