Општина Старо Нагоричане ќе користи штедливи светилки

11.02.2016 12:22 | KumanovoNews

Општина Старо Нагоричане ќе реализира замена на обични светилки со штедливи за улично осветлување и ќе штеди преку комуналното претпријатије „Козјак“ за пумпите за вода.

Општина Старо Нагоричане ќе користи штедливи светилки

Се работи за проект за енергетска ефикасност на општините во Република Македонија, кој беше презентиран денеска во Куманово. Тој нуди одржлив развој, го спроведува Агенцијата за енергетика и е финансиран од Светска банка.

Наназад половина година во нашата општина се подготвува план за енергетска ефикасност и веќе го имаме комплетно завршен и усвоен на Советот на општината. Се надевам дека ние ќе бидеме прва од руралните општини во Република Македонија. Планираме до крајот на овој месец да земеме кредит од Светска банка, кредитот е поволен. Се надеваме дека ќе направиме заштеда, има светилки што штедат 30 или 50 отсто од енергијата“-изјави Милован Стојковски, градоначалник на општина Старо Нагоричане.

Во проектот се вклучени 8 општини од Македонија, урбани и рурални. Откако ги согледаа бенефитите, општините се заинтересирани за енергетска ефикасност.

Направивме тригодишни акциони планови. Ги оспособивме, направивме капацитети во општината и сега можат самостојно да го спроведуваат проектот. Во овој проект во секој случај нема губитници или добитници. Целата оваа документација ќе биде ставена на веб страната на Агенцијата за енергетика, од каде што ќе можат слободно да ја симнуваат како таква и слободно ќе можат самите да ја креираат политиката за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија - изјави Здравко Стефановски, проект менаџер.

Светска банка ќе овозможи преку фонд за енергетска ефикасност општините да добиваат средства, а потоа од заштедата да ги враќаат назад парите. Енергетската ефикасност овозможува заштеда на енергија, пари и зачувување на околината.

На почетокот мора да се инвестира за да имате поврат на инвестиција. Со самото инвестирање и поставување на нови технологии, отвараме нови работни места. На тој начин се подобрува стандардот на општините и на самите граѓани - рече Панче Атанасовски од Агенција за енергетика.

Вклучените во проектот се надеваат дека сите општини во иднина ќе почнат да работат на ист принцип.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk