Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Од почетокот на 2014 година, до крајот на септември, општина Куманово најмногу пари потрошила за изградба на нови улици и реконструкција на постоечките.
На приходната страна реализацијата е 58 отсто, а на расходната страна е 54 отсто. Советниците од Коалицијата за подобра Македонија не се задоволни од она што е сработено, и ја критикуваа општината за бавната реализација на проектите.
“Реализацијата се одвива со едно незадоволително темпо. Каде и да погледнеме секаде имаме потфрлање на реализацијата. Не сакам да споредувам со Штип, Скопје, Прилеп, мене ме интересира за Куманово“ - рече Мирослав Стојановски, советник од ВМРО - ДПМНЕ.
Ирена Илиевска од секторот за финансиски прашања во општина Куманово, објасни дека во дадениот извештај не е внесен ребалансот на буџетот од претпоследната седница на Советот на општина Куманово. Како проблем ги посочи блок дотациите во образованието кои се ниски и доцнат по месец дена.
“Блок дотациите и да се исплаќаат со 100 отсто динамика не се доволни. Дури денеска ја добивме блок дотацијата за октомври. Доцнење постои за месец дена. До 15 ноември требаше да примиме 11 блок дотации, а цела блок дотација од 70 милиони денари доцни“ - вели Илиевска.
Градоначалникот Зоран Дамјановски истакна дека покачувањето на платите на административците за 4 отсто ќе претставува дополнителен финансиски товар за општината.
Советниците на денешната седница на Советот на општина Куманово, го изгласаа кварталниот извештај за извршување на буџетот на општина Куманово за 3 квартал од 2014 година.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk