Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Околу 26 милиони евра е буџетот на општина Куманово за 2015 година.
Средствата планирани за наредната година изнесуваат 1.660.000.000 денари и од нив 41 отсто ќе бидат потрошени за капитални инвестиции.
Советниците од опозицијата го критикуваа буџетот дека е нереален и дека во текот на 2015 година најверојатно ќе треба да се направи ребаланс на истиот.
“Се она што сакаат да го направат и што мислат дека му треба на Куманово го ставаат во буџетот, без било каква реална основа. На крајот од годината пак ќе дискутираме за истиот тој буџет како што пред неколку недели дискутиравме за буџетот за 2014 година, ќе правиме ребаланс и сите овие ставки ќе ги вратиме назад и ќе се вратиме во реалноста“ - вели Драган Петковски, советник од ВМРО - ДПМНЕ.
Градоначалникот Зоран Дамјановски рече дека во 2015 година најмногу пари ќе потрошат за инфраструктура и за завршување на Затворениот градски базен и комерцијалниот дел внатре.
“Од буџетот 780.000.000 се изворни приходи на општината, а останатиот дел се дотации од државата за образование, социјала, култура, се она што е дел од трансферот на надлежности. Околу 320.000.000 денари се за капитални инвестиции, развојната програма која очекувам оваа година да биде извршена во целост, се надевам на добри економски прилики“ - изјави Дамјановски.
Пред советниците градоначалникот вети дека следната година процентот на реализација на буџетот ќе биде 80 отсто.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk