Орашац го прослави Ѓурѓовден на „Кршче“

06.05.2016 13:45 | KumanovoNews
 Баба Ѓурѓа сонила дека сред село се наоѓа крст под земја. Таа го откопала крстот и го оградила местото, па т.н. “Кршче“ станало заштитник на добитокот
Орашац го прослави Ѓурѓовден на „Кршче“

 Жителите на селото Орашац денеска го прославија големиот празник Ѓурѓовден. Од рано наутро селаните се собраа на м.в. „Кршче“, каде по сите православни обичаи се помолија, запалија свеќи за здравје и избраа нов кум. 

 „Денеска се два празника: Ѓурѓовден и Св. Балаклија и ние се собравме на овој убав ден и на ова свето место да ги одбележиме. Во изминатите неколку месеци успејавме да го реновираме местото и сега е во ново руво. Денеска се служи мрсно и подготвивме храна од 4 јагниња и гравче со телешко месо. Прославата ќе биде до доцна во ноќтта како што е традицијата“,- вели Крсто Милошевски, член на црковен одбор.

Преданието за светото место кажува дека пред многу години на сточарите многу често им умирал добиток. На баба Ѓурѓа на сон и се кажало дека на местото каде што има три дрвја едно до друго, се наоѓа крст под земја. Таа го откопала крстот, по што го поставила над земја и го оградила местото како заштитник на стадата. Оттогаш местото се смета за свето и на овој ден се празнува. Несреќата со добитокот престанала, па затоа жителите Ѓурѓовден го сметаат за ден на сточарите и на фармерите.

 Жителите на Орашац, со црковниот одбор и месната заедница посветува посебно внимание на верските објекти. Тие се горди што со своите пријатели успејале да изградат трпезарија во селските гробишта и да започнат со реновирање на црквата Св. Илија.

„Јас сум родена на овој ден, на неколку куќи од овде во селото, но живејам во градот. Местото беше распаднато но луѓето постојано се собираа, затоа имав желба да се поправи. Во договор со црковниот одбор, колку што можев помогнав и благодарение на златните раце на мештаните успејавме да го обновиме“- изјави Љубица Вучевска, пензионерска.

 На овој ден село Орашац го празнува Ѓурѓовден. Доаѓаме тука пред да изгрее сонцето, колеме јагниња, децата се лулаат на лулашки, обичаите се многу убави, тоа ни е најубавиот празник - изјави  Марјан В. , член на месната заедница.

За овој празник секој од жителите носи што има од дома, а обврска на кумот е да обезбеди ручек. Домаќините и многу гости, наседнати во дворот на богата трпеза, со музика и оро заборавија на секојдневните обврски и проблеми.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk