Oсуден возачот што ја предизвика сообраќајката во која загина Петар Милошевски

09.03.2017 10:12 | KumanovoNews

Во Кумановскиот суд, на една година затвор е осуден Живко Бојковски(65) од Куманово, кој ја предизвика сообраќајната несреќа во која загина директор на македонската фудбалска репрезентација и познат голман Петар Милошевски(41).

Oсуден возачот што ја предизвика сообраќајката во која загина Петар Милошевски

 Бојковски е прогласен виновен од кривичниот совет, поради сторено кривично дело, тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот со смртни последици извршени од небрежност.

Тој во својот исказ пред судот тврдел дека критичната вечер додека со својот џип Јаз се движел по магистралниот пат Куманово-Крива Паланка и на клучката во населбата Карпош, се престроил во десната коловозна лента бидејќи завршувала левата, кога со голема брзина од спротивната насока наишло возилото во кое бил Милошевски,  го заслепило и удрило во него.

Вештачењето покажало дека Бојковски со своето возило зафатил дел од средната лента на патот, а возилото на Милошевски се движело со брзина од 95 километри на час каде ограничувањето било 60.

Сообраќајката во која животот го загуби познатиот голман Милошевски се случи на 13 март 2014 година во 23.15 часот, кога со службеното возило на ФФМ, кое го управувал Илчо Ѓоргиески од Скопје, се враќале од еден кумановски ресторан, каде биле на вечера по одржување на хуманитарен фудбалски натпревар на поранешни репрезентативци во спортската сала за помош на болно дете во Куманово. При судирот на двете возила, Пежото во кое Милошевски бил совозач се превртело и излетало од патот. Од задобиените повреди Милошевски починал на самото место, а беа повредени Бојковски и уште две лица.

Судењето траеше дури три година затоа што една година се чекаше вештачењето на автомобилот, а потоа било изработено уште едно техничко вештачење и супер вештачење.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk