Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Заврши стручната обука за пекари и бравари на осудени лица, која траеше повеќе од 6 месеци преку проект на УНДП, Министерството за образование и Управата за извршување на санкции во Казнено поправната установа „Куманово“, во селото К`шање.
Дваесет и две лица од сите националности и возрасти, се стекнаа со вештини од областа на прехранбената и металската индустрија. Со завршување на обуката, сите добија дипломи за стручно оспособување верифицирано од страна на Министерство за образование, со кое ќе можат да се пријават во Агенцијата за вработување и да конкурираат на пазарот на трудот. Сертификатот ќе биде признаен и за работа во странство.
Во јуни годинава, три месеци од отпочнување на проектот го посетивме затворот К`шање. Тогаш директорката Соња Цветковска, објасни дека Кумановскиот затвор е прв во регионот каде се спроведува ваков проект, а искуствата, најверојатно, ќе се пренесат и во другите казнено-поправни и воспитни-домови во државата.
„Имаше голем интерес за следење на обуката и сеуште има, поради тоа проектот ќе продолжи. Многу сме задоволни од нивната посветеност, мотивираност, стимулираност и желбата за работа. Се чувствуваат вреднувани а тоа ни беше целта. Тоа се луѓе на кои треба да им се почитува достоинството и ние тоа го правиме, - рече директорката Цветковска.
Часови и практична настава ги изведуваа професори од стручните училиште „Наце Буѓони“ и “Киро Бурназ„ од Куманово.
„Сите се добри, но два-тројца се издвојуваат. Сите носат некое предзнаење од дома и не беше тешко да се надоградуваат. Заинтересирани се да научат и многу сум задоволен како ги совладуваат техниките. Учиме теорија и практична настава. Месиме леб, солени и слатки, обични и лиснати теста, - рече тогаш еден од професорите од „Куро Бурназ„.
Дека затворениците ја научиле работата се уверивме и самите. По завршување на часот, заедно со директорката ги пробавме топлите и меки како душа кифли. Имавме само пофални зборови за нивното мајсторство.
„ Учиме и брзо ни поминува времето. Месиме и печеме леб, кифли, пастрмајлии, пици ... Сега сме тука, но кога ќе излезаме ќе видиме што ќе работиме. Можеби и ќе се одлучи некој од нас да започне свој бизнис во оваа област, - велеше еден од затворениците.
На свеченото доделување на дипломите денеска присуствуваа министерот за образование и наука Пиштар Љутфиу, постојаниот претставник на УНДП Лујза Винтон, директорот на Управата за извршување санкции Лидија Гаврилоска, директорката на затворот Куманово Соња Цветковска и претставници на средните училишта „Наце Буѓони“ и „Киро Бурназ“ од Куманово.
Затворот се наоѓа на 24 киломерти од Куманово во некогашното основно училиште во селото К`шање и работи од септември 2013 година. Во него се сместени 250 лица, од кои 50 во притвор и 200 осудени лица за сите видови кривични дела. Затворот е од полуотворен тип, располага со затворено, полуотворено и отворено одделение.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk