Осудени лица завршија обука за заварувачи и пекари

17.02.2017 08:00 | KumanovoNews

Дваесет и осум осудени лица во КПУ Затвор Куманово со отворено одделение во Крива Паланка, добија уверенија за завршена стручна обука.

Осудени лица завршија обука за заварувачи и пекари

16 од нив се стекнаа со звање аргон заварувачи и 12 пекари. Станува збор за успешно завршен втор циклус на обука на осудени лица кои се стекнаа со сертификати верифицирани од Министерството за образование. На вчерашната свеченост по повод доделување на  сертификатите присуствуваше постојаниот претставник на Обединетите нации, Лујза Винтон и Сафет Незири, советник од Министерството за образование.

„Од особена важност е да се истакне дека со сертификатите можат да аплицираат за вработување, да бидат конкурентни на пазарот на трудот во државата, но и пошироко во европските држави каде што овие кадри се дифицитарни и многу барани. Како што имам истакнато и досега, нагласувам дека осудените лица беа особено мотивирани, беа посветени и имаа сериозен пристап кон теоретската и практичната настава. Ќе продолжиме и понатаму со нови обуки и проекти за поуспешна ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица во општеството и нивно враќање во социјалните средини, - изјави директорката Соња Цветковска.

Со досегашниот проект биле опфатени 50 лица, а обуките се подржани од УНДП, МОН и Управата за извршување санкции. Теоретската и практична настава ја одржуваат едукатори-обучувачи, професори од средните стручни училишта „Наце Буѓони“ и „Киро Бурназ“. Свој придонес во насоките и изборот на занаетот на осудените дава и тимот на матичните воспитувачи од секторот за ресоцијализација во КПУ Затвор Куманово, сместен во селото Кшање.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk