Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Повеќе од три месеци трае стручната обука за пекари и бравари на осудени лица преку проект на УНДП, Министерството за образование и Управата за извршување на санкции во Казнено поправната установа „Куманово“, во селото К`шање.
Дваесет и тројца мажи, од сите националноци и возрасти, три пати неделно по пет часа, со професори од две средни училишта во Куманово имаат теоретска и практична настава за стекнување на вештини од областа на прехранбената и металската индустрија. По завршување на обуката, сите ќе добијат уверение за стручно оспособување верифицирано од страна на Министерство за образование, со кое ќе можат да се пријават во Агенцијата за вработување и да конкурираат на пазарот на трудот. Сертификатот ќе биде признаен и за работа во странство, пишува весникот Вест.
Директорката Соња Цветковска, вели дека Кумановскиот затвор е прв во регионот каде се спроведува ваков проект, а искуствата, најверојатно, ќе се пренесат и во другите казнено-поправни и воспитни-поправни домови во државата.
Имаше голем интерес за следење на обуката и сеуште има, поради тоа се надеваме дека проектот ќе продолжи и понатаму. Многу сме задоволни од посветеноста на осудениците. На почетокот се грижев за тоа како ќе функционира проектот, со оглед на тоа дека сме првенци, но сега можам да кажам дека сум пријатно изненадена од нивната мотивираност, стимулираност и желбата за работа. Се чувствуваат вреднувани а тоа ни беше целта. Тоа се луѓе на кои треба да им се почитува достоинството. Ние тоа го правиме и тие го чувствуваат, и не ретко знаат и да го истакнат, - вели директорката Цветковска, професор по историја, магистер по политички и безбедносен систем на ЕУ, член на повеќе комисии за човекови права за што посетувала бројни меѓународни обуки и се здобила со голем број сертификати од таа област.
Часови и практична настава за пекари се организира во затворската кујна, а ја следат 12 луѓе. Посветени на работата, но и претпазливи и срамежливи од нашето присуство, не зборуваа многу додека месеа тесто за лиснати кифли со мармалад и мак. Работата ја извршуваа тимски, едни го расукуваа тестото, други го премачкуваа со маргарин, трети нанесуваа фил и ги виткаа ролните, по што парчињата и ги редеа во тава за печење. Велат дека се задоволни што им се пружила прилика да научат нов занает, но незнаат дали ќе го користат во понатамошниот живот.
„ Учиме и брзо ни поминува времето. Месиме и печеме леб, кифли, пастрмајлии, пици ... Сега сме тука, но кога ќе излезаме ќе видиме што ќе работиме. Можеби и ќе се одлучи некој од нас да започне свој бизнис во оваа област, - вели еден од затворениците, за кој професорот ни кажа дека е најдобар.
„Сите се добри, но два-тројца се издвојуваат. Сите носат некое предзнаење од дома и не беше тешко да се надоградуваат. Заинтересирани се да научат и многу сум задоволен како ги совладуваат техниките. Учиме теорија и практична настава. Месиме леб, солени и слатки, обични и лиснати теста, - вели професор од средното училите „Куро Бурназ„.
Дека затворениците ја научиле работата се уверивме и самите. По завршување на часот, заедно со директорката ги пробавме топлите и меки како душа кифли. Имавме само пофални зборови за нивното мајсторство.
За разлика од кујната каде беше доста тивко, во металската работилница е многу пораздвижено и бучно. Со чекани, турпии и апарати за заварување учениците го обработуваа металот. Нивната работа будно ја следат професор и инструктор, кои им даваат насоки како да ракуваат со алатот, но внимаваа и некој да не се повреди. Задолжително е и присуството на затворските полицајци.
“Многу пријатно сум изненаден од екипата која има многу голема желба да работи. Сите се одговорни, совесни и крајно дисциплинирани. Се гледа дека имаат потенцијал и подготвени се да се вклучат во процесот на производсвото и од тоа да егзистираат кога ќе излезат од овде“, - вели професорот по машинство од техничкото училиште „Наце Буѓони“.
Управата на КПУ Затвор „Куманово„ со отворено одделение во Крива Паланка, наскоро планира да набави пекарница за сопствено производство на леб и печива, во која ќе ги ангажира луѓето кои ќе ја завршат обуката. Вработување на осудените лица може да се реализира и преку соработка на фирми со јавно-приватно партнерство.
Затворот се наоѓа на 24 киломерти од Куманово во некогашното основно училиште во селото К`шање и работи од септември 2013 година. Во него се сместени 250 лица, од кои 50 во притвор и 200 осудени лица за сите видови кривични дела. Затворот е од полуотворен тип, располага со затворено, полуотворено и отворено одделение.
„Ние сме еден од најдобрите казнено-поправни и воспитно-поправни установи во Македонија не само по сместувачките капацитети, туку и по односот кон осудените лица. Работиме по европски стандарди и досега не сме добиле жалба или критика од ниту една релеватна домашна или странска институција за човековите права. Во прилог на тоа говори и позитивниот извештај за нашата установа кој уследи по посетата на претставници на Европскиот комитет за спречување на тортура или понижувачко однесување и мачење (КПТ). Имаме осудени лица од сите структури, но настојуваме сите да бидат што поуспешно ресоцијализирани и вратени во нивните социјални средини.Ние работиме како интерактивен тим за квалитетна и сеопфатна ресоцијализација и одговараме и се грижиме за секое осудено лице. Во затворот има 24 часовна примарна заштита од лекар и редовна посета на психијатар. Имаме осуденици со различни здравствени проблеми, хронично болни, со тешки животни судбини. Сочувствуваме со нивната болка, помагаме колку што можеме и колку ни дозволува законот„, - додава Цветковска.
Осудените лица во текот на денот работат во кујна, трпезарија, курирска служба, а затворот има и земјиште под закуп каде се одгледуваат градинарски култури.Оние кои ги исполнуваат условите имаат отворен третман и работат во приватни фирми. Во одреден период од денот го напуштаат затворот и пак се враќаат кога им завршува работното време. Слободното време го поминуваат во дворот на прошетка или на спортските терени, каде се организираат и спортски натпревари. Во затворската библиотке има над 2.600 книги, а дури 60 одсто од затворенците редовно читаат.
Затворот е нов и современ, но на прв поглед се забележува дека се води и голема грижа за негово одржување, како и за хигината и дисциплината.
Во затворот има просторија за верски обреди
Во затворот се дозволени верски обреди, а има и соба за молитва. За време на муслиманскиот пост за Рамазан, се организира вонредно работење во кујната до доцна во ноќта, навреме да се направи храна за сифир и ифтар. Исто така за другите верски празници за христијанските Божиќ и Велигден, како и за Нова година се организираат прослави во рамките на законот, велат од затворот.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk