Осум години од вооружениот конфликт во Диво Насеље - никогаш да не се повтори

09.05.2023 12:42 | Сузана Николиќ

Денеска се навршуваат 8 години од вооружениот напад на терористиката група на македонските вооружени сили во Диво Насеље. Тогаш загинаа 8 припадници на полициските сили, а Куманово два дена живееше во страв и неизвесност дали војната ќе се прошири и на другите делови на градот.

Осум години од вооружениот конфликт во Диво Насеље - никогаш да не се повтори

Во Диво насеље на 9 и 10 мај 2015 година животите ги загубија: полицајците Жарко Кузмановски и Сашо Самојловски од с.Брвеница, Ненад Серафимовски од с. Зубовце, Горан Илијевски од Гостивар, Бобан Ивановиќ, Исамедин Османи, Љубиша Аранѓеловиќ и Горан Стојменовиќ од Скопје, а 37 други припадници на безбедносните сили беа повредени.

Од другата страна , загинаа 10 лица, а 33 лица беа уапсени и обвинети за тероризам.

Министерот Оливер Спасовски денеска потсети за неизвесноста во неговиот град и во целата земја, и за вооружениот напад во кој животот го загубија осум припадници на Министерството за внатрешни работи.

„Судските архиви сведочат за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност“, така што овој крајно вознемирувачки и трагичен настан засекогаш ќе остане во колективната меморија на кумановци како голема траума, а граѓаните од целата држава ќе паметат дека нарачателите не ја остварија својата цел да ја одржат неизвесноста во која режимот ги држеше во заложништво државата и граѓаните. Хероите живеат вечно - Никогаш да не се повтори“, напиша Спасовски.

Градоначалникот Максим Димитриевски, вели дека и по толку години нема одговор кој стоеше зад крвавиот настан.

„До денешен ден и после 8 години за жал нема одговор на прашањето кој е сценаристот, а кој е режисерот на настаните во Диво Насеље во Куманово. Никогаш да не се повтори - Вечна им слава на бранителите“, напиша Димитриевски.

Три дена по настаните во Диво Насеље оставка си поднесе тогашниот прв човек на УБК Сашо Мијалков и министерката за внатрешни Гордана Јанкулоска.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk