Осум години затвор за човекот кој го убил другарот кај црквата „Света Мина“

31.10.2017 07:54 | KumanovoNews

Кривичниот совет од Основниот суд Куманово го прогласи за виновен и го осуди на 8 години затвор со неправосилна пресуда Даниел Д.(30), кој го убил Бојан Илиевски (31), а потоа го фрлил во бунар на периферијата на Куманово.

Осум години затвор за човекот кој го убил другарот кај црквата „Света Мина“

Според обвинението убиството се случило на 26 јуни минатата година по полноќ, кога двајцата другари, по посета на неколку угостителски објекти и ноќен клуб, заминале во кругот на црквата „Света Мина“. Даниел извадил пиштол и испукал еден куршум во Бојан кој седел на клупата, a потоа го фрлил телото во бунарот и побегнал, пренесува СДК.мк.

Даниел е осуден за кривичното дело убиство, за кое е предвидена затворска казна од 5 до 10 година. Семејството Илиевски не е задоволно од пресудата и нивниот адвокат најави дека ќе ја обжали одлуката.

„Бараме доживотен затвор за да биде правдата барем делумно задоволена. Ќе се жалиме, бидејќи не сме задоволни и од квалификацијата на делото и многу работи се сокрија и не се кажаа пред судот. Даниел убиството го испланирал, а пред тоа го тепал брат ми. Брат ми никогаш не би се самоубил“, – изјави по изрекување на пресудата братот на Бојан, Југослав.

Осудениот пред судот го негираше обвинението и изјави дека не се чувствува виновен за делото за кое се товари. Тој тврдеше дека Бојан се самоубил, откако од појасот извадил пиштол и си пукал сам под левото уво. Тој кога видел што се случило се испаничил и побегнал, за да не го обвинат дека го сторил делото, па не знае како Бојан завршил во бунарот, ниту каде е оружјето од кое е пукано. За повредите што ги имало по лицето на Бојан, претпоставува дека ги добил откако паднал по самоубиството.

Исказот не беше прифатлив за обвинителот и адвокатот на семејството Илиевски, кои во завршните зборови побараа строга казна за осомничениот, бидејќи сметаат дека делото го извршил свесно и со умисла и без повод и причина. За да го сокрие убиството го фрлил телото во бунар и го сокрил пиштолот, кој уште не е најден. Според обвинителот, за неговата ладнокрвност сведочи и тоа што наредното утро уште во 6 часот заминал со такси во Аква парк во Пробиштип каде цел ден се капел за да ги измие барутните честички од рацете. Облеката што ја носел ја фрлил, но не и патиките на кои подоцна биле најдени траги од крв. И покрај тоа што семејството го барало Бојан, тој тврдел дека не знае каде се наоѓа, па се вклучил во потрагата и погрешно ги насочувал. Даниел пет дена молчел за убиството, додека случајот не бил пријавен од граѓани кои забележале крв кај бунарот, по што е приведен.

Според дополнителниот наод од судска медицина, повредите на двете веѓи, горната вилица и брадата на Бојан, настанеле пред смртта.

Одбраната на Даниел побара ослободителна пресуда, бидејќи ОЈО немало докази кој го сторил убиството, а наводите на обвинителот ги нарече чиста конструкција базирана на претпоставки и сомнение. Тој посочи дека не се пронајдени траги од под ноктите, облеката, парафинската ракавица, го нема пиштолот и затоа нема докази дека обвинетиот пукал во покојниот Бојан.

Психолошкиот наод покажал дека обвинетиот е психички здрава личност, без патолошки пореметувања и до сега не бил осудуван.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk