Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Ванеса Џ.(13) од м.в. Стари Лозја во населбата Перо Чичо, е девојчето што вчера попладне се удави во напуштениот базен во кумановска бања.
Несреќата се случила околу 15.30 часот, кога девојчето со уште две другарки заминало да се капе во базенот. Откако влегле во просторијата скокнала во базенот и почнала да се дави. Присутните деца успејале да ја извадат и да ја изнесат надвор, по што и укажале прва помош. Веднаш повикале Итна помош, но лекарите само констатирале дека починала. Тие го пријавиле случајот во полиција.
Во домот на семејството Џафери шок и неверување од она што се случило. Роднини и соседи собрани пред куќата чекаа да го донесат телото од обукција. Кажуваат дека девојчето било трето од четирите деца во семејството и вчера за првпат отишло да се капе во бањата.
Сабајле беше дома и го метеше дворот. Правевме муабет. Беше многу мирно и вредно девојче, не одеше на училиште, но помагаше дома. Сите комшиски деца одат на тој базен, па отиде и таа, мерак и беше. И се случи несреќа. Попладне дојде полицијата и ни кажа дека се удавила, - раскажува стрината на Ванеса, Игбала.
Увид на местото на настанот извршиле јавен обвинител и екипа на СВР Куманово.
Со Кумановска бања до пред 10 години стопанисуваше АД „Бисерка“, а по нејзино затворање, базенот и целиот имот остана незаштитен.
Во 2012 година, кумановска фирма доби концесија за експлоатација на минералната вода, а од пред неколку дена и дозвола за реновирање на објектот каде што се наоѓа базенот со минералана вода. Денеска работници го чистеа и изнесуваа ѓубрето што со години се собирало во објектот.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk