Отворен граничниот премин Белановце - Станчиќ

31.01.2020 14:17 | KumanovoNews

Пуштен е во употреба граничниот премин Белановце – Станчиќ, на македонско-косовската граница, кој ќе овозможи економски напредок на граѓаните од регионот и двете држави.

Отворен граничниот премин Белановце - Станчиќ

Изградбата на граничниот премин е остварена со помош на Европската Унија преку ИПА Инструментот за прекугранична соработка со 1,2 милиони евра, како и со кофинансирање на Министерството за локална самоуправа со 105 илјади евра.

На отварењето на новиот граничен премин присуствуваше делегација од министри предводена од претседателот на Владата, Оливер Спасовски и министри и од владата на Косово, како и градоначалници од соседните општини и највисоки претставници на институциите за гранично и царинско управување на двете земји.

Премиерот Спасовски во своето обраќање ја истакна важноста на настанот, означувајќи го како дополнителна карика во поврзувањето меѓу двете соседни држави, како проект кој дава важна политичка димензија за уште еден пробив напред на и онака исклучително добрите односи помеѓу овие две земји.

„Резултат на добрите односи меѓу нашите две земји е и успешната завршница на овој граничен премин. Граничниот премин е доказ за добрата волја и за заедничка работа и посветеност во интерес на граѓаните од двете страни на границата на овој регион“, подвлече премиерот Спасовски.

Тој додаде дека со новиот премин се олеснува меѓусебната комуникацијата на граѓаните на општините Липково и Гнилане, како и меѓу соседните општини и е добар предуслов за зголемување на трговската размена и економската соработка во регионот, што овозможува услови за развој на бизнис врските и за економски напредок на регионот каде што се поврзуваат Македонија и Косово.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk