Отворен Меѓународниот фестивал „Денови на комедија“ во Куманово

02.10.2019 10:36 | KumanovoNews

На големата сцена во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, синоќа започна 22. Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ во Куманово.

Отворен Меѓународниот фестивал „Денови на комедија“ во Куманово

Фестивалот ќе трае до 15 октомври, а ќе бидат прикажани 12 претстави од земјата и странство.

Директорот на Центарот за култура, Сашо Тодоровски, на отварањето на фестивалот се заблагодари за присутноста и помошта за организирање на фестивалот, при што им посака на граѓаните да уживаат во сите претстави во наредните денови.

„Ме радува фактот што има голем интерес за фестивалот, но сакам да им се извинам на оние што не дојдоа до билети, но немаме избор, бидејќи сме ограничени се капацитетот на салата“, - рече во своето обраќање, меѓу другото, Тодоровски.

На присутните им се обрати и градоначалникот Максим Димитриевски.

„Вечерва ќе ги скокнам формалностите, во оваа вечер нема простор ниту за позиција ниту за опозиција. Овој наш град со големи промени, со голема традиција но и проблеми, секогаш знаел што е шега. Им се заблагодарувам на сите коишто овозможија од овој град да направат град во кој ќе се трча за карта повеќе. Им посакувам на сите да уживаат во Деновите на комедија“,- рече на отворањето на фестивалот Димитриевски, градоначалникот на Општина Куманово.

На фестивалот присуствуваше и националниот координатор за развој на култура и меѓуресорска соработтка во Владата, Робер Алаѓозовски, кој истанка дека ова е културно одбележје за Куманово. И додаде дека се надева дека доаѓаат подобри денови за фестивалот, заради новото законско решение кое овозможува манифестациите да добијат статус  од национален интерес.

Фестивалот го отвори денс група, потоа селдуваше стенд ап настап на Весна Петрушевска Бејби, а потоа претствата „Странци“.

Во претставата играа актерите: Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Биљана Драгичевиќ-Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ и Предраг Павловски.

Во оваа комедија станува збор за огромното влијание на технологијата во нашиот живот. Заплетот започнува во мигот кога пријателите решаваат, за време на вечерата, да ги остават сите телефони на масата и да си ги гледаат меѓусебните пораки и разговори. Драмата кулмира во мигот, кога почнуваат да се разоткриваат тајните: прељубите, затскриената хомосексуалност, разговорите со непознати луѓе итн. Но на крајот на краиштата, во воздухот останува да лебди прашањето: колку вистина може да поднесе еден човек?

На „Денови на комедија“ ќе се играат домашните претстави, „Жени пред нервен слом“ „39 чекори“, „Мој термин“, „Одам на лов“ и „Бегалка“, српските претстави „Власт“, „Запознај го мојот татко“ и „Школо за љубовници“, бугарската претстава „Смеј се за збогум“, хрватската претстава „Љубоф“ како и албанската претстава „Доктор Шустер“.

Овогодинешниот Меѓународен фестивал „Денови на комедија“ ќе биде затворен со претставата „Бегалка“.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk