Отворена изложбата „Денови на македонската фотографија“

03.10.2015 11:09 | KumanovoNews

Во Уметничката галерија во Куманово, синоќа  беше  отворена изложбата „Денови на македонската фотографија 2015“, организирана од Фото кино клуб „Козјак“ од Куманово и Фото сојуз на Македонија.

Отворена изложбата „Денови на македонската фотографија“

На  53-то издание на „Денови на македонска фотографија 2015“ се поставени  112 фотографии од 46 автори. Специфично за оваа изложба е што учествуваат и многу млади автори. Македонските фотографи се докажуваат во земјава и во странство.

Годинава во Индонезија на 28-то светско биенале на една од најголемите фотографски изложби  каде учествуваа повеќе држави со свои колекции, македонската колекција составена од 20 автори и толкав број на фотографии, зеде награда за прв пат во историјата на македонската фотографија и тоа е еден од најголемите успеси - изјави, претседателот на Фото сојуз на Македонија, Боро Рудиќ.

Стручното жири во кое членуваат Цветан Гавровски, Душан Доцевски, Владимир Арсовски и Зоран Петровски, кустос советник од Музејот на Совремeна уметност доделија награди и дипломи за колекција на фотографии и за поединечна фотографија.

Членот на кумановскиот клуб Фото кино клуб “Козјак“, Милош Нешковски  ја освои првата награда за неговата колекција „Илузија на црвено“.

Наградата ми дава поттик да работам уште повеќе - изјави Нешковски.

Претседателот на ФКК Козјак и добитник на диплома за поединечна фотографија, Дејан Ангеловски изјави дека организација на манифестацијата и освоените награди се потврда дека Козјак како фото-кино клуб е најуспешен во градот.

Втората награда за колекција на фотографии ја доби Дејан Гилески од ФК Елема од Скопје, а третата Ивона Кочов од Фото клубот Битола. За поединечна фотографија наградени се Коста Дупчинов од битолскиот фото клуб, а втората награда ја зема   Раде Луковиќ од Фото Клубот Елема, додека  третата награда ја освои Ивона Кочов од Битола. Наградата „Благоја Дрнков” е доделена на фотографот Рилинд Хоџа.

Во младинска категорија наградени се Ханис Багашев, Филип Кузмановски и Ана Андонова.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk