Отворена изложбата „Лумина егзодус“ во Центарот за култура во Куманово

04.12.2023 13:08 | Оливера Пешевска

Во центарот за култура во Куманово отворена е светлосната инсталација „Лумина егзодус“ на ликовниот двоец Владимир Николовски и Марио Стошевски.

Отворена изложбата „Лумина егзодус“ во Центарот за култура во Куманово

Ова е втора заедничка изложба на младите уметници кои потекнуваат од Куманово. Инсталацијата е изработена од повеќе предмети со аплицирани лед светла, замислена како едно уживање и играње со светлината.

„Задоволен сум од одѕивот и реакциите на публиката. Посебно од тоа што ја сфатија суштината на замислениот концепт, потполно ја разбраа нашата идеја. Иако работевме на темата егзодус, што сама по себе е тажна, присутните направија одлична атмосфера и добивме позитивни критики од околината“, истакна Марио Стошевски, еден од авторите.

Уметничкото дуо, Николовски и Стошевски кое се бави со вајарство, дигитално сликарство и дизајн понудија можност да се види трансформацијата на еден простор со уметнички инсталации со светлина, хармонија на форми, бои и амбиент.

Владимир Николовски е роден во Куманово во 1995 година, има завршено средно училиште во „Лазар Личеноски“ во Скопје на отсекот вајарство, а дипломирал на Факултет за драмски уметности, на отсекот театарска режија. Работи како ликовен уметник и театарски режисер.

Марио Стошевски е роден во 1995 година, исто така, во Куманово. И тој средното образование го оформил во „Лазар Личеноски“ на отсекот вајарство, а дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот графика. Работи како илустратор и слободен уметник.

Изложбата е организирана со поддршка на Министерството за култура, преку повикот за млади уметници.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk