Отворена изложбата на фотографии на Димитар Чунговски

05.09.2016 09:44 | KumanovoNews

Во изложбениот салон на Центар за култура “Трајко Прокопиев“ - Куманово, отворена е првата самостојна изложба на уметничка фотографија на  Димитар Чунговски – Чунга, насловена “Два света”.

Отворена изложбата на фотографии на Димитар Чунговски

На неа се прикажани 42 фотографии од секојдневниот живот и имагинарни фотографии, создадени во последните 9 години.

„Изложата не случајно е наречена „Два света„. Во едниот дел сакав да го прикажам реалниот живот и реалниот свет, а другиот дел се состои од фото-монтажи. Првите се направени во некој погоден момент, ситуација , движење, емоција од реалниот живот, додека фото монтажите ги работам според моментална инспирација, -вели Чунговски.

Авторот учествувал на повеќе домашни и меѓународни изложби за што добивал многу награди и признанија, но ова му е прво самостојно претставување пред публиката. Изложбата ја организира Фото клубот Куманово, од каде сметаат дека овој автор е меѓународно познат и признат токму по фото-монтажите.

 „Колку изложбата е квалитетна покажува и фактот што при создавањето на поставката беа вклучени 4 мајстори на фотографија од Македонија и странство. Затоа ги повикувам граѓаните и љубителите на уметничка форографија да дојдат и да ја посетат изложбата во наредните две недели, - изјави Софија Петковска, претседател на фото клуб Куманово.

Чунговски е роден во Битола, 1979 година. Неговите почетоци во фотографијата се поврзани со рачната изработка на аналогна црно-бела фотографија уште на мала возраст, за време на основното образование.

Со доаѓањето на дигиталната технологија, некаде во 2003 година тој продолжува да се занимава со фотографската уметност.

 Активно членува во Фото Кино Клуб Битола од неговото формирање.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk