Отворена канцеларија на локална акциска група во Нагоричане

10.12.2015 11:11 | KumanovoNews

Во просториите на општина Старо Нагоричане денеска беше отворена канцеларија на локалната акциска група „Абер 2015“ од североисточниот регион.

Отворена канцеларија на локална акциска група во Нагоричане

Македонија од 2017 година ќе може да аплицира за ЛИДЕР програмата на ЕУ, а канцеларијата е место каде граѓаните ќе можат да дадат свои идеи, предлози за развој на руралната средина во која живеат. На отварањето министерот за земјоделство, Михаил Цветков изјави дека ова е еден важен чекор преку кој во иднина ќе бидат финансирани бројни проекти.

Владата преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе обезбеди средства за финансирање на пилот проекти преку Националната програма  за поддршка на руралниот развој. Главната цел за спроведување на ЛИДЕР пристапот ќе биде поврзување на жителите од руралните средини и зајакнување на нивните способности и вештини за соработка, вмрежување во партнерство, зајакнување на капацитетот на руралните средини за спроведување на ЛИДЕР пристапот како би се искористиле средствата од ИПАРД за поттикнување на населението и обуки на населението“-рече министерот.

Директорот на УСАИД Македонија, Џејмс Стаин се надева дека акциската група ќе соработува со населението и ќе спроведе иновативни проекти.

Пет локални акциони групи се воспоставени, три во Пелагонија и двете кои сме тука денеска да ги инаугурираме, додека уште осум се во процес на регистрација. Есенцијално е да се задржи моментот дека локалните акциски групи ќе имаат континуирано финансирање додека средствата од ЛИДЕР да бидат на располагање во 2017 - рече Стаин.

Бригит Хагман од Швајцарската амбасада кажа дека на овој начин ќе се подобрат условите за живот во руралните средини и младите нема да мигрираат во Скопје или во странство.

Еден од приоритетите на Старо Нагоричане е да обезбеди иднина за младите во општината, за тие да можат да останат и да работат тука - додаде таа.

Претседателката на „Абер 2015“, Елизабета Цветковска објасни дека сите жители од руралните средини и правни субјекти можат да им се приклучат доколку се заинтересирани.

Сега знаат каде има канцеларија на „Абер 2015“. Да дојдат со нивните идеи, нивните потреби и заедно со експертизата и луѓето кои се во оваа акциона група да креираат и имплементираат проекти, се со цел да ја развијат нашата заедница за нешто што ќе биде предизвик кога ќе влеземе во големото европско семејство - изјави Цветковска.

Градоначалникот на Старо Нагоричане, Милован Стојковски се надева дека руралните средини ќе се развиваат.

Имаме план, имаме волја. Апел до сите бизнисмени, граѓани, нека повелат. Мислам дека со поддршка од Владата на РМ, УСАИД, Швајцарската амбасада, ЕУ ќе создадеме подобри услови за нашите граѓани - кажа Стојковски.

На отварањето беше прикажан и промотивен видео материјал за опсерваторијата Кокино, а иста ваква канцеларија денеска ќе биде отворена и во општина Ранковце во нашиот регион.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk