Отворени „Денови на мед“ на градскиот плоштад

22.09.2016 13:40 | KumanovoNews

Десетина производители на мед од Куманово и соседните општини денеска ги претставија своите производи на манифестацијата „Денови на мед“,  што по 16. пат ја организира здружението на пчелари „Пчела“ на градскиот плоштад во Куманово.

Отворени „Денови на мед“ на градскиот плоштад

Во Куманово има околу 200 пчелари, а само една третина се зачленети во здружението.

„Куманово важи за пчеларски град и се наоѓа на самиот врв по бројот на пчелари во државата. Неофицијално има околу 200 пчелари, меѓутоа во здружението се активни 60-тина членови. Има доста пчелари и во руралните средини. Ние се залагаме нашиот мед да се брендира, бидејќи е навистина квалитетен. Имаме и 20-тина органски производители кои произведуваат мед со врвен квалитет,- изјави Часлав Ристовски претседател на здружението „Пчела“.

   Манифестацијата ја отвори градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамјановски, кој нагласи дека здружението има децениска традиција во организирање на манифестацијата која е препознатливо во градот.

Пчеларите се жалат дека оваа година е една од најслабите, по количината и квалитетот на родот. На тоа влијаеле неповолните временски услови.

„Јас произведувам органски мед за европскиот пазар. Но оваа година има многу малку мед. 40 години се занимавам со пчеларство и никогаш не било толку лошо. Некогаш имаше по 130 килограми од пчела мед, а сега само два килограми, - вели Милорад Арсовски, пчелар од Куманово.

На манифестацијата учествуваа и ученици од земјоделското училиште „Киро Бурназ“ со производи од мед и пчеларска опрема.

Манифестацијата ќе трае и утре.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk