Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Центарот за вработување Куманово денеска се одржуваат „Отворени денови“, на кои раководството од Агенцијата за вработување ќе се сретне со невработените и работодавачите.
Директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски вели дека во последно време има поплаки од работодавачите дека и по неколку објави на нивните огласи, не се јавуваат работници и со нив ќе разговараат за проблемите кои се јавуваат на пазарот на трудот.
Во последно време сè повеќе се бараат техничките струки, кои што во моментов во Република Македонија подолго време беа во мирување и немаше соодветен капитал на луѓе, кои што можевме да ги пуштиме на работодавачите. Тие луѓе иако поседуваат образование, сепак не поседуваат практично знаење за тоа образование. Во наредниот период фокусот ќе ни биде ставен да помогнеме на образовниот процес, да добијат вештини, да има повеќе вработени, а помалку невработени. Моја работа како директор на АВРМ е да направам подеднакви услови за сите - изјави Поповски.
Во Куманово има околу 19.000 невработени, од кои 10.700 се активни баратели на работа, а 9.017 лица се пасивни баратели.
Има интерес за посета на обуките. Обуките даваат ефекти. Ќе споменеме само една од обуките е обука со субвенционирање на пазарот на трудот, каде што имаме околу 40 лица директни вработувања само по тој основ - кажа Милорад Тренчевски, директор на Центар за вработување Куманово.
Во наредниот период ќе се направи анализа зошто на одредени огласи воопшто не се пријавуваат кандидати за вработување, а на „Отворени денови“ беше кажано дека за одредени специфични занимања и занаети недостига кадар.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk