Наредната недела ќе започне со работа отворениот базен во Куманово

11.06.2025 07:58 | Оливера Пешевска

На отворениот градски базен во Куманово се вршат технички поправки и проверки, пред да започне со работа, на почетокот на следната недела.

Наредната недела ќе започне со работа отворениот базен во Куманово

Според надлежните се проверува електричната и водоводната инсталација, се чистат филтрите и се тестираат пумпите за вода, вообичаена постапка која редовно се спроведува пред базенот да се наполни со вода.

„На еден дел се олабавени плочките, па моментално се работи на нивно прицврстување, повторно лепење и таа интервенција очекуваме дека ќе заврши денес. Планот е утре да се наполни со вода, а потоа ќе почекаме некој ден да се згрее, за да има пријатна температура. Според временската прогноза на почетокот на наредната недела ќе го пуштиме во употреба“, вели Адреја Маџовски, директор на ЈП „Куманово паркинг“.

Искуството од минатите години покажува дека се зголемува број на корисници, а според директорот Маџовски интересно е што се почесто го посетуваат цели семејства, родители и деца во текот на викендот.

„Ова особено се забележува за време на викендите или некој празник, повеќе членови на семејства доаѓаат да се разладат и забавуваат за време на топлотните бранови. Тоа е квалитетно поминато време во кругот на најблиските, затоа ги покануваме и останатите граѓани да ја усвојат оваа навика“, порача Маџовски.

Шанкот нема да работи ниту ова сезона- и покрај отворениот повик нема заинтересирани угостители кои би стопанисувале со него.

Во правилникот за користење на базенот е нагласено дека е дозволен пристап само на лица (капачи) кои знаат да пливаат на лична одговорност, на посетители со отворени и инфицирани видливи рани или инфективна кожна болест, нема да биде дозволен влез во базенот. Во пропишаните услови за користење стои и дека сите посетители се должни да ги почитуваат и следат сите хигиенски и безбедносни прописи.

Цената на еднодневен билет по лице е иста како и минатата година- 150 денари.

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk