Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во тек е уписот на деца во прво одделение во учебната 2024/2025 година во сите основни училишта во Куманово. Оваа година на списокот родени во 2018 година во Куманово се 1.508 деца, со можност да се запишат и родените во јануари 2019 година.
Проблем, кој со години наназад се провлекува е преоптоварнетоста на паралелките во училиштата од централното градско подрачје, на сметка на оние одалечени од центарот на градот. Според надлежните мора да се почитува реонската поделба и секој родител треба да си го запише детето најблиску до адресата на живеење.
„Се случуваат злоупотреби од страна на родителите, пријавуваат живеалиште на друга адреса за да го запишат детето во „Браќа Миладиновци“ или „Крсте Мисирков“, но тука сме со врзани раце, ние ништо не можеме да направиме. Кај нас има слободни места за 115 ученици, во пет паралелки- две на македонски наставен јазик, две на албански наставен јазик и една во подрачното училиште во Режановце. Имаме извонредни услови, модерни училници со обезбедени наставни помагала, квалитетен просветен кадар, па ги поканувам родителите да дојдат и да разгледаатшто нудиме, сигурно ќе се задоволни“, истакна Дејан Младеновски, директор на „Толи Зордумис“.
Се прават напори да се избегне ваквата појава затоа што сите училишта работат по иста програма, децата непотребно се малтретираат со патување до подалечни училишта и се создава непотребен метеж во популарните училишта.
Правилата се такви да семејството на првооделенецот мора да обезбеди дозвола од директорот на тоа училиште, на кое реонски припаѓаат. Младите родители, пак, ги бираат училиштата кои пружаат услуга на продолжен престој на децата до 6-то одделение. Тоа се „Браќа Миладиновци“, „Крсте Мисирков“, „Кочо Рацин“ и „11 Октомври“.
„Имаме потпишано меморандум за соработка со Градинката “Ангел Шајче“ која обезбедува топол оброк и воспитувачки кои работат со децата во продолжениот престој, во просторија на нашиот објект. Затоа и само во првиот ден имаме запишано 40 од предвидени 100 слободни места во нашето училиште“, изјави Драгица Спасиќ, директорка на „11 Октомври“.
Уписите во сите основни училишта траат од 1 до 31 мај, а родителите треба да приложат извод од книгата на родените, потврда за примени вакцини од надлежна установа, потврда од стоматолог, потврда од офтамолог и документ за идентификација на родителот/старателот. Постои можност и електронски да се заврши процедурата.
Идните првооделенци треба да ги поминат тестовите кај педагог или психолог, кои ќе ја потврдат нивната психофизичка и социјална зрелост и подготвеност да се вклучат во образовниот процес. Доколку кај некое дете забележат отстапувања, дополнително ќе се ангажира и социолог кој треба да процени дали ученикот може да се вклопи и приспособи на новата средина и да создава контакти со децата и образовниот кадар.
Конечниот број на новозапишани првооделенци ќе се знае на 1 септември. Искуството покажува дека речиси никогаш не се пополнуваат предвидените места поради трендот на иселување кај младите семејства. Така минатата учебна година во 2017 година имало роден 1.097 деца, но запишани се 1.047 првачиња, 50 помалку од предвиденото.
(фото. архива)
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk