Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Соборниот храм „Свети Никола“ во Куманово, денеска се одржа панихида за осум загинати припадници на безбедносните сили во нападот на 9 мај 2015 година, во кумановската населба Диво насеље.
Панихидата ја организираа здружениjaта „Бранители 2001“ и Патриотскиот институт „Гоце Делчев“, а присуствуваа учесници во настаните во Диво насеље, претставници на македонските безбедносни сили, полтички партии и граѓани, кои оддадоа почит на бранителите кои ги положија своите животи за Македонија.
„Се собравме во помен на хероите кои дадоа се за да ние повторно живееме во слобода и во мир. Тие денови Куманово се чувствуваше како да е на раб на апокалипса, гореше, се пукаше на сите страни, населението беше вознемирено. Но, овие наши храбри јунаци успеаја да го сопрат терористичкиот напад, за жал, загинаа осум наши браќа, херои. Во нивна чест денеска одржуваме панихида во Соборниот храм „Свети Никола“, за да нивното дело никој не смее да го заборави ниту потцени. Тие секогаш ќе бидат запишани во историјата на македонскиот народ како борци за Македонија. Вечна им слава“, истакна Предраг Петрушевски- Бинго.
Во вооружениот напад загинаа полицајците: Жарко Кузмановски и Сашо Самојловски од с.Брвеница, Ненад Серафимовски од с. Зубовце, Горан Илијевски од Гостивар, Бобан Ивановиќ, Исамедин Османи, Љубиша Аранѓеловиќ и Горан Стојменовиќ од Скопје.
Панихидата ја служеа 4 свештеници од кумановско- осоговската епархија.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk