Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
„Пар распар“ на Театар комедија од Скопје е прогласена за најдобрата претстава на Деновите на комедија за 2024 година.
Одлуката ја донесе стручно жири на фестивалот во состав: Александар Ивановски, претседател и Катерина Момева, Петар Андоновски, Ева Камчевска и Стефан Јакимовски, откако ги сумираше впечатоците од сите 11 претстави во официјалната конкуренција на фестивалот.
Наградата за најдобра режија се доделува на Куштрим Бектеши за „Итроштините на патук“ на Театар Тетово. За најдобра машка улога е прогласен Фаик Мефаиловски, од велешкиот театар за улогата во „Вечера за глупаци“, а Марија Минчева Андонов најдобро ја одиграла главната женска улога во претставата „Женидба“ на Театар Штип. Марко Трајковиќ од Театар Куманово ја освои наградата за најдобра машка споредна улога во „Како што сакате“, а за најдобра споредна женска улога се наградува Марија Новак од Театар Охрид за улогата во „Секс, лаги и љубомора“. Локалниот ансамбл освои уште две награди на фестивалот- Марија Ветерова за сценографија и Лидија Георгиева за костимографија во претставата „Како што сакате (Ноќ спроти Водици)“.
Вечерва ќе бидат доделени наградите, по што ќе се одигра првата реприза на „Како што сакате“ на Театар Куманово.
Фестивалот го отвори ансамблот на Велешкиот театар, a потоа следуваа Театар „Глигор Прличев“ од Охрид, од Враца и Плевен од Бугарија, театрите од Врање и Ниш, Србија, Театар Комедија од Скопје, Тетовскиот театар, Театарот од Штип, Кумановскиот театар и со албанската и со македонската драма. Во вон- фестивалската програма се играат две претстави на студентите од Факултетот за драмски уметности Скопје и Факултетот за аудио-визуелни уметности ЕСРА.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk