☰

Пензиите од октомври ќе бидат повисоки за 3 проценти

24.09.2026 17:46 | KumanovoNews

Септемвриското усогласување на пензиите во Македонија ќе се реализира според законската формула утврдена во членот 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и ќе изнесува 3 отсто. 

Пензиите од октомври ќе бидат повисоки за 3 проценти

Зголемените примања пензионерите ќе ги добијат на почетокот на октомври, бидејќи пензиите се исплаќаат за претходниот месец.

Законското усогласување се спроведува двапати годишно, во март и во септември. Формулата претставува збир од 50 отсто од порастот на трошоците за живот и 50 отсто од растот на просечно исплатената нето-плата во првото полугодие во однос на претходните шест месеци.

Според податоците на Државниот завод за статистика за периодот јануари-јуни, индексот на трошоците на животот бележи раст од околу 1,17 отсто, што дава придонес од приближно 0,585 отсто, додека просечната нето-плата порасна за околу 4,75 отсто, односно носи придонес од 2,375 отсто. Вкупното пресметано усогласување изнесува меѓу околу 3 отсто, а бројката ја потврдија од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (ПИОМ)

Кај просечната пензија од околу 28.100 денари растот ќе биде меѓу 830 и 900 денари, со што примањето ќе се искачи на приближно 29.000 денари. За корисниците со повисока пензија од околу 45.000 денари покачувањето ќе изнесува од 1.350 до 1.500 денари, со што новата сума ќе изнесува околу 46.400 денари.

Бидејќи станува збор за процентно усогласување уредено со закон, а не за линеарно зголемување со фиксен износ за сите, повисоките пензии добиваат поголем раст пресметан во денари.

 

Advertisement

2008 - 2026 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk