Кога завршува една пандемија?

13.08.2021 06:29 | Сара Ѓорѓиоска

Веќе година ипол трае непредвидената и катастрофална ситуација, која од корен го смени начинот на нашето секојдневно функционирање. Заборавивме како изгледа допирот на оние кои најмногу ни значат, сите планови стојат на стаклени нози и
свесни сме дека единственото нешто што е сигурно е неизвесноста. Нештата можат да се променат во секунда, слободата ни стои под знак прашалник, па единственото прашање кое би ги решило сите наши дилеми одеднаш е „Кога сето ова ќе заврши?“

Кога завршува една пандемија?

Па, кои се условите кои треба да се задоволат за СЗО да прогласи крај на актуелната ситуација што не` ограничува и се заканува на нашата и добросостојбата на нашите најблиски? Општо позната е потребата бројот на активно заразени и новозаболени да се спушти значително и дневните случаи да не излегуваат вон контрола, за да здравствените установи се способни да ги згрижат болните. Но, за бројот на новозаразени да се намали и на тој начин да се стави долгоочекуваниот крај на пандемијата, клучни и најмногу
одговорни се државните органи, кои се обидуваат да ја контролираат ситуацијата ширум светот. Како една држава ќе се справи со пандемијата и ќе го заштити здравјето на своите жители зависи од подготвеноста, стабилноста и можностите кои државните институции ги имаат. Постојат три очигледни начини за реагирање на пандемските размери на вирусот:

1. индиферентност 

2. одолговлекување и вакцинирање 

3. координирање и пребродување 

Употребувајќи го првиот начин како метод на справување со вирусот, владините органи не преземаат никакви особени мерки за заштита, туку дозволуваат жителите да се заразат што е можно побрзо. Медицинските лица не се обучени за справување со непознатиот вирус, како и капацитетите на здравствените установи не се прилагодени на огромните бројки кои ќе настапат. Ова значи колапс на здравствениот систем и илјадници, ако не и милиони мртви, но по кратко време вирусот повеќе не може да најде нови жртви, бидејќи луѓето со слаб имунитет се елиминирани и на тој начин пандемијата завршува, но со страшни реперкусии. 

Вториот начин е значително похуман, поради тоа што идејата исто така се состои во градењето на колективен имунитет, но таквиот имунитет не се плаќа со илјадници животи, туку до него се доаѓа по пат на вакцинирање. Во вакво сценарио, почетокот на пандемијата ги алармира владините органи ширум светот да започнат со мерки на задржување на вирусот, за да им обезбедат време на истражувачите да дојдат до ефикасна вакцина. Мерките се движат во кругот на изолирање на потврдените случаи, редовно тестирање за да се идентификуваат активно заболените и да се стават во карантин и молби жителите да го ограничат своето движење, со цел да не стапат во контакт со заразени лица. И овој начин не ја заштитува човечкaта популација од губење илјадници животи и вирусот сепак продолжува да се шири, иако значително побавно отколку со имплементација на првата метода на индиферентност. Некои држави ќе успеат да ги регулираат случаите доволно за да нештата се вратат во нормала, се` додека повторно не се појави нов случај кој одново ќе ги врати на сила мерките за изолација и дистанцирање. Во меѓувреме, научниците активно бараат соодветни вакцини и кога вакцините се пуштени во употреба, доволно е 50-90% од светската популација да биде имунизирана за да настапи колективниот имунитет и пандемијата да се прогласи за завршена. 

Последната стратегија на координирање значи “изгладнување“ на вирусот, односно строг карантин, изолација, затворени градови и оневозможен туризам. Клучот за овој начин на справување да биде ефективен е синхронизација на мерките. Обично, кога една држава е во климаксот на хаос со огромен број нови дневни случаи, соседната држава ги добива првите случаи. Наместо секој државен лидер да остане фиксно сконцентриран на случувањата во неговата држава, потребно е сите светски лидери да го третираат светот како мрежата кој тој вистински е.

Интерповрзаноста е важен и непобитлив фактор, кој во вакви случаи може да помогне пандемијата да доживее брз крај со минимални штети. Правилната координација, почитување на светски пропишаните мерки (кои ќе го елиминираат чувството на специфична изолираност што луѓето ја добиваат кога е потребно да следат мерки пропишани само за една држава, додека веќе во соседната ситуацијата е сосем различна) и сознанието дека сите сме во ова заедно е она што би помогнало пандемијата да заврши за неколку месеци.

Но, се` додека вирусот не е комплетно уништен и деактивиран, секогаш ќе постои опасноста од ескалирање на ситуацијата, повторно до статус на пандемија. Од претходно споменатите, најефективниот начин да се осигура крајот на една пандемија е потполна имунизација на населението. Вакцините до сега смириле многу пандемии, па има зошто да ѝ се верува на науката дека ќе го забележи крајот и на тековната пандемија. Иако, опасноста од вакцините е реална, секоја индивидуа треба да ја знае својата анамнеза и да биде свесна за ризиците кои постојат и од вакцинирањето, но и од немањето заштита против вирусот.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk