Петооделенци низ игра ќе учат француски

20.04.2015 09:20 | KumanovoNews

Петооделенците од основното училиште “Браќа Миладиновци“, низ игра ќе го учат францускиот јазик, за да бидат подготвени од шесто одделение и официјално да изучуваат втор странски јазик.

Петооделенци низ игра ќе учат француски

Проектот во соработка со Министерството за образование и наука, ќе се спроведува до крајот на оваа учебна година и по тој повод ќе бидат организирани приредби, спортски натпревари, игри на француски јазик, прикажување на француски филмови и слично.

„Направивме анкета и 78 ученици се изјаснија дека сакаат да следат таков тип на настава. Ние сме многу задоволни и верувам дека проектот ќе успее. Ќе биде на забавен начин, верувам дека ќе биде интересно. Децата ќе научат нешто повеќе за францускиот јазик и за Франција. Проектот ќе се реализира до крајот на учебната година, а за следната година ќе видиме преку изјаснување“-вели Зорица Пирганоска, координатор на проектот.

Марија Николова, кооринатор за франкофонија во МОН објаснува дека проектот се прави за да се шири франкофонската култура, и тоа е договорено на самитот во Дакар кој се одржа лани. Николова потврдува дека францускиот е втор официјален јазик во ЕУ и има голема улога во меѓународни рамки.

Проектот ќе се спроведува и во основното училиште “Кочо Рацин“ во Куманово, а досега на ист начин француски учат ученици од Гостивар, Гевгелија, Аеродром, Кисела Вода, Центар и други општини.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk