Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Почитуван,
Вашата колумна, ме поттикна на размислување, сублимирано во прашањето: што е постаро, кокошката или јајцето?
Иако се сложувам со добар дел од Вашите наводи, имам проблем со заклучоците. Имено, изнесените заклучоци за коренот на проблемот, според мене, држат страна, но не држат вода.
Па нели сѐ почна со Шпанските серии?
Претпоставувам дека сте млад човек, па сигурно не се сеќавате на гостувањето на „Касандра“ на градскиот стадион во Скопје. Уште помалку паметите која личност, од сегашната политичка сцена, ја донесе и подигна на пиедестал, достоен на систем на општествени вредности.
Мојот револт е предизвикан од фактот дека работам во училиште во кое раководната политика, сѐ уште ги негува придобивките од „Касандра“. Така, наместо педагошки принципи и закони на природните науки, вредносниот систем на оваа, општинско основно училиште, го чинат показатели на морална и етична деградација.
Никој ли не виде, или не сакаше да види, каде ќе не одведе практикувањето на ваквата политика? Никој ли не гледа, или не сака да види, дека единствени придобивки се: пораст на бројот на малолетнички бракови, малолетничка бременост, некултура на говор, агресивно однесување. насилство...
На придобивките од „Касандра“ сега ги додадовме и придобивките од разно-разни реални ТВ „спектакли“ од соседството. Училиштето е жив пример за историскиот контекст на македонскиот народ, како подгрупа или дел од српскиот народ, за кој и самите пишувате. Па не е ни чудно што од седумдесетина наставници, само тројцата Срби беа „номинирани за финале“. Од „финалистите“ пак, двајца добија раководни ингеренции, додека третиот, како кадар на ПМФ во Косовска Митровица, доби ингеренции за оспорување на наставничките компетенции на кадарот од ПМФ при УКИМ, Скопје.
Ви се обраќам како на млад политичар, вложете енергија и создадете научно издржан систем на вреднување на постигањата. Така ќе увидите дека одговорноста е двострана. Исто како што се: понудата и побарувачката, причината и последицата, претпоставката и заклучокот, ВМРО и СДСМ, ... впрочем, како што се кокошката и јајцето.
За крај, Ве молам одговорете ми на предизвикот: Дали Шпанските серии го диктираат раководењето со оваа училиште, или раководењето со истото, го зголемува рејтингот на Шпанските серии и другите „ТВ спектакли“?
Резервна опција: Обвини го наставникот! Најлесно е и најпогодно во секоја прилика.
Со почит,
Даниела Стојановска, наставник по математика во ООУ„Христијан Карпош“, Куманово.
Со оглед на фактот дека никогаш не сум била член на политичка партија, за изнесените ставови, носам лична одговорност, исклучиво пред моите ученици и нивните родители.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk