Почина и бебето на родилката која пред осум месеци почина при породување во Кумановската болница

28.05.2025 16:48 | Сузана Николиќ

Почина бебето кое 8 месеци се бореше за живот на Клиникатата за детски болести во Скопје, откако мајка му умре при породувањето во Кумановската болница.

Почина и бебето на родилката која пред осум месеци почина при породување во Кумановската болница

Бебето починало на 23 мај во попладневните часови, по што било известено семејството. Триесет и едногодишната родилка почина на 27 септември лани, при породување на Одделението за гинекологија и акушерство во Општата болница во Куманово.

„И бебето ја изгуби битката. Ова е дополнителен шок за семејството кое и онака се наоѓа во тешка животна ситуација. Ние сме апсолутно убедени дека постои лекарска грешка, бидејќи последиците се катастрофални и за мајката и за бебето. Водиме истрага со независни експерти од областа на неонатологијата и акушерството, кои утврдија пропусти во постапката од моментот на прием до самиот чин на породување со царски рез откако жената починала, како и за последиците за новороденчето, кое за жал заврши фатално. Тоа покажува дека лекарските интервенции биле задоцнети, бидејќи и родилката и бебето не останаа живи“, вели адвокатот на семејството Христијан Георгиевски.

Родилката била во деветтиот месец и имала уредна бременост и во болницата дошла откако дома ѝ почнало породувањето. По повеќе од 30 часа, наредното попладне состојбата нагло ѝ се влошила и таа ненадејно починала. Ова ѝ била втора бременост.

„Родилката е примена со прснат воденик, со отпочнато породување и слаби контракции. Се чекало да добие спонтани контракции и по природен пат да продолжи породувањето. Откако тоа не се случило, отпочнати биле стимулации, но нагло ѝ престанала срцевата работа и го изгубила притисок. Викнат бил анестезиолог за реанимација, но без резултати. Веднаш е однесена во операциона сала за да се извади плодот. Бебето е живо и итно е однесено на Детската клиника во Скопје“, изјави тогашниот директор д-р Стефан Трајановски, од Кумановската болница.

Лекарите од Клиниката тогаш кажаа дека ја следат состојбата на новороденчето, но и дека не можат да прогнозираат како ќе се развива состојбата.

„Новороденото е на респираторна машина. Продолжува третманот, рано е да дадеме некаква прогноза за последиците. Сè уште е во тешка општа состојба и е на респиратор“, изјави тогаш директорот на Детската болница, Реџеп Мемеди.

Комисија во Министерството за здравство утврди оти нема лекарска грешка при породувањето на младата жена, а подоцна и обдукцијата го покажала истото, поради што Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово не покрена обвинение, но адвокатот на семејството вели дека сè повеќе е убеден во спротивното и ќе ја бара правдата за изгубените животи.

Тој вели дека документацијата од нивната истрага ќе ја достават до Обвинителството и ќе иницираат обновување и продолжување на започнатата истрага со нови факти и докази, кои досега не им биле на располагање.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk