Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Се реконструира кровот на спортската сала во Куманово. Средствата се обезбедени преку проект на Свероисточниот плански регион (СИПР) во висина од 320 илјади евра.
„Проектот предвидува демонтажа на старата конструкција и поставување на нова. Проектот е вреден 320.000 евра без ДДБ, во кој Општина Куманово има сопствено учество над 10.000 евра, а останатите средства од околу 310.000 евра се обезбедени од програмата на регионален развој на 2020 година на Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој“, изјави неодамна Младен Протиќ, директор на СИПР.
Градоначалникот Максим Димитриевски вели дека извадените бакарни плочи ќе се продадат на јавна лицитација, а средствата ќе се употребат за потребите на салата.
Надлежните велат дека за целосна реконструкција на објектот потребни се околу 800.000 евра, а изработката на проектот чинеше 2,2 милиони денари.
Во последните дваесетина години салата се наоѓаше во очајна состојба. Кровот протекуваше, а водата ја оштетуваше внатрешноста на објектот и паркетот, поради што не се одржуваа државни натпревари. Руинирани се и трибините и тоалетите.
Владата минатата година ја врати салата на Општината и најави помош за нејзина реконструкција.
Спортската сала во Куманово е изградена 1980 година и има капацитет од 4.150 седишта. Проектирана е од архитектите Трајко Димитров и Живко Гелевски во 1979 година, а ја добила големата награда на Биеналето на Македонската архитектура (БИМАС) во 1981 година.
Таа е најголемиот затворен спортски објект во Куманово, каде се одржуваат кошаркарски, ракометни, футсал, одбојкарски и боксерски натпревари. За салате се врзуваат најголемите спортски достигнувања на кумановските клубови.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk