Почна судењето на Бобан Илиќ обвинет за смртта на Алмир

15.02.2017 18:00 | KumanovoNews

 Во Кумановскиот суд денеска започна судењето на Бобан Илиќ, обвинет за убиство со умисла на Алмир Алиу (4), кој на 25 јуни минатата година беше прегазен поради банална расправија со неговиот татко пред Здравствениот дом во Куманово.

Почна судењето на Бобан Илиќ обвинет за смртта на Алмир

 Бобан пред судот изјави дека не се чувствува виновен, а застапникот на семејството побара максимална казна за делото што го сторил.

На главното рочиште без сослушани сведоците: мајката на детето, братот и девојката на Бобан, беа изведени доказите и прегледана видео снимката од местото каде се случила несреќата. Судењето траше 6 часа, а сите тројца детално од свој агол го опишаа настанот, како настанала караницата во ходникот на  Здравствениот дом околу 22.30 часот, а потоа продолжила на улицата.

 „Се скараа со мојот сопруг поради тоа што пропуштивме постара жена преку ред. Бобан почна да го псуе и навредува мојот сопруг по што го повика брат му по телефон. Кога пристигна брат му се нафрли врз врз него и сакаше да го удри. Го повлеков заради доброто на детето, а потоа отидовме кон нашето возилот. Тогаш Бобан се залета со колата и удри во нас. Сопругот скокна на колата, а мене и детето не отфрли на страна. Сакаше сите да не убие. Кога се освестив го видов Алмир како беше потпрен ѕидот на аголот на улицата. Го зедовме и го однесовме во Ургентен центар во Куманово, каде докторот рече дека ногата е распарчена и веднаш не пратија за Скопје. Една недела по несреќата почина,- изјави мајката Неџивере со солзи во очите.

Таа побара Бобан да се казни со доживотен затвор, но рече дека со тоа нема да се задоволи правдата, бидејќи нејзиното дете нема да се врати, а таа не е во состојба да се грижи ниту за другите двајца синови кои тагуваат по брат им.

Наспроти обвинувањата на мајката, девојката на Бобан Тања Димковска(24) и братот Бојан Илиќ (24 )тврдеа пред судот дека тие се жртви во пресметката. Дека критичната вечер таткото Сали прв го нападнал Бобан и почнал да го удира уште во ходникот, а потоа ги повикал неговите роднини да се пресметаат со нив на улица.

„Таткото зеде телефон и повика некого, а потоа му рече на Бобан:„Сакаш ли да те фрлам низ прозор„. Жената го влечеше да се тргне, но тој продолжуваше со провокациите и го удри неколкупати со рамето по грбот. Го повикавме Бобан да не собере со кола затоа што бевме пешки. Кога влеговме во возилото, тројца луѓе почнаа да удираат по колата. Јас викнав полиција, бидејќи ја скршија шофершајбната. Почнавме да бегаме, а тие трчаа по нас. Завршивме во слепа улица, па ја свртевме колата и се вративме назад, при што налетавме на поголема група на луѓе кои маваа со камење. Бобан не гледаше каде вози поради скршеното стакло и за да ја избегне толпата нагло сврти лево, по што слушнавме тап удар. Кога застана колата се нафрлија неколку луѓе, кои почнаа да ги вадат и да ги тепаат. Бојан го извадија, а Бобан не успејаа. Тој успеја да продолжи да вози, а потоа Бојан побегна и влезе во колата, така успејавме да се спасиме - изјави Тања.

Тие прво заминале дома, а потоа во полиција да го пријават случајот каде им кажеле дека има прегазено дето.

Бојан тврдеше дека тој и брат му се здобиле со сериозни повреди по телото од метални прачки и клоци, а тој има и исеченици по телото од нож, за што имаат медицинска документација, а тоа можело да се види и по оштетениот мерцедес.

Пред судот беше пуштена и снимка од видео камера од околните куќи, на која се гледа како автомобил се движи по улицата „Борис Кидрич“, а по него трчаат три лица. Потоа автомобилот се враќа и удира во мајката, таткото и детето, по што настанува физичка пресметка на повеќе лица.

Таткото на детето Сеат Алиу (37), неговиот брат Абдула Алиу (33) и братучед Сами Демири (37) се обвинети за насилство врз Бобан и неговиот брат, но тие изјавија дека не се чувствуваат виновни.

Наредното рочиште е закажано на 28 февруари.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk