Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во средните училишта денеска и утре трае уписот за ученици во прва година.
Голем интерес за запишување има во Гимназија “Гоце Делчев“ каде до 10 часот документи поднеле околу деведесет ученици.
- Има 74 ученици за општа насока на македонски јазик, и за билингвална паралелка досега има 10 ученици. Се бараат 60 поени за упис. Одзивот е голем, пред самиот влез има многу гужва. Оние кои нема да успеат да се запишат во првиот термин, вториот термин од првиот уписен рок е на 30 јуни и 1 јули - вели Кети Домазетовиќ, член на комисија за упис во “Гоце Делчев“.
Учениците кои конкурираа за запишување во гимназијата велат дека го избрале ова училиште бидејќи сметаат дека е најдобро во градот.
- Гимназија “Гоце Делчев“ е најдоброто училиште во град Куманово. Нас ни е семејна традиција да учиме во ова училиште. Мајка ми, татко ми, брат ми, сите завршиле тука и се надевам дека и јас ќе бидам примена - рече Марија Суботиќ, ученик.
Во средното училиште “Перо Наков“ одзивот за упис е добар и голем интерес има за економските струки.
- За економски техничар до 10 часот поднесени се 22 пријави, техничар за трговија и маркетинг 40, деловен секретар 10 и банкарски техничар 10 пријави. Во текстилно - кожарска струка за конфекциски техничар имаме 2 пријавени, а техничар за дизајн на облека имаме 3, за техничар за обувки сеуште нема пријавени. Засега е добро и очекуваме уште деца - изјави Мила Жибак од комисија за упис во “Перо Наков“.
Во средните училишта во Куманово и Липково има над 2000 слободни места за прием на ученици во прва година.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk