Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Почвата често ја доживуваме како нешто сосема обично – како обична земја под нашите нозе. Но, почвата е многу повеќе од тоа.
Таа е жив, динамичен систем и еден од највредните природни ресурси кои ги имаме. Почвата е тивката основа на храната која ја јадеме, водата што ја пиеме, шумите кои ги чуваме и економијата што ја развиваме.
Но и покрај ова, во државава, почвата сѐ уште е единствениот ресурс на животната средина кој не е регулиран со посебна сеопфатна законска рамка. Во време на интензивни климатски промени, деградација на природните ресурси и губење биодиверзитет, ова прашање не смее повеќе да се одложува и игнорира.
Почвата – основа на економијата и климатската отпорност
Почвата е површинскиот слој на Земјата составен од минерални честички, органска материја, вода, воздух и огромен број живи организми. Таа настанува под влијание на климата, геолошката подлога, релјефот и живиот свет. Станува збор за процес кој трае стотици години. Токму затоа почвата се смета за тешко обновлив или речиси необновлив природен ресурс. Она што природата го создава со векови, може да се уништи за многу кратко време преку неправилно управување, загадување, запечатување и прекумерна експлоатација.
Почвата е темел на земјоделството и шумарството. Без здрава почва нема квалитетно и стабилно земјоделско производство и производство на храна. Нема сигурност во снабдувањето, ниту економска стабилност. Во Северна Македонија, земјоделството има значајна улога во националната економија, а квалитетот на почвата директно влијае врз приносите, својствата на храната и приходите на илјадници семејства.
Почвата, исто така, има клучна улога во прочистувањето и складирањето на водата. Водата од врнежи или наводнување минува низ почвата, се филтрира и стигнува до подземните води. Почвата ја задржува водата со што спречува ерозија и поплави. Кога почвата е деградирана, таа ја губи оваа способност. Ова значи поголем ризик од загадување на водните ресурси, поплави и ерозија. Заштитата на почвата е истовремено и заштита на водата.
Почвата е и најголемиот резервоар на јаглерод во копнените екосистеми. Во неа се складирани огромни количини органски јаглерод. Кога почвата се деградира, тој јаглерод се ослободува во атмосферата, а ова ги поттикнува климатските промени. Одржливото управување со почвата, зголемувањето на органската материја и примената на агроеколошки мерки не се само земјоделски прашања, тие се дел од климатската политика и од глобалната борба против емисиите на стакленички гасови.
Инвестирање во превенција и одржливо управување со почвата
Почвата е жив екосистем. Во само еден кубен сантиметар здрава почва (1 cm³) – што е отприлика колку една коцка шеќер – можат да живеат милијарди микроорганизми, инсекти, габи и други организми кои овозможуваат кружење на хранливите материи, создавање хумус и одржување на плодноста. Деградацијата на почвата значи губење на овој невидлив, но суштински биодиверзитет. Истовремено, квалитетот на почвата директно влијае врз човековото здравје. Загадената почва може да доведе до акумулација на штетни материи во храната и преку синџирот на исхрана да влијае врз здравјето на луѓето. Заштитата на почвата е инвестиција во здравјето на населението.
Со урбанизирањето односно преку запечатувањето на почвата со изградени објекти, ние секојдневно и речиси неповратно губиме огромно количество почва. Деградацијата на почвата е брз процес, но нејзиното обновување е бавно, скапо, а многу често и невозможно. Рекултивацијата и ремедијацијата (санацијата) бараат значителни финансиски средства и долг временски период.
Истражувањата покажуваат дека секое вложување во превенција и одржливо управување со почвата носи повеќекратна економска корист – преку зголемени приноси, намалени трошоци за ѓубрива, подобра отпорност на суши и поплави, како и зачувување на природните ресурси. Секое инвестирано евро во заштита на почвата може да донесе поврат од 3 до 6 евра. Инвестирањето во почвата не е трошок, туку долгорочна економска и развојна стратегија.
Законска рамка – нужност за заштита на почвите
Доколку сакаме здрава храна, чиста вода, стабилна економија, зачуван биодиверзитет, намалено опустинување и зголемена отпорност на климатските промени, тогаш заштитата на почвата мора да стане национален приоритет. Почвениот покривач во нашата земја е разновиден и богат, но истовремено и ранлив. Интензивното земјоделство, урбанизацијата, градежништвото, рударството и климатските промени вршат сериозен притисок врз овој ресурс. Дел од почвите веќе се деградирани, а систематскиот мониторинг на нивната состојба е ограничен.
Она што особено загрижува е фактот дека државава сè уште нема посебен закон за заштита на почвата. За разлика од воздухот, водата и отпадот, почвата не е опфатена со правна рамка која ќе ги дефинира обврските, стандардите и мерките за нејзина заштита и одржливо управување.
Со поддршка на Програмата за животна средина на Обединетите Нации (УНЕП) веќе е подготвен текст на потенцијалниот закон за заштита на почвата со кој за прв пат ќе се опфати управувањето со почвата и нејзината заштита, утврдувањето на контаминираната почва, санацијата, заштитата од опустинување, како и мониторингот на почвата и јавното објавување податоци. Министерството за животна средина и просторно планирање е надлежно за спроведување на постапката за негово донесување. Институтот за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени – Скопје (ИПЕК), преку договор со Програмата за животна средина на УНЕП и Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ), му обезбедува поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање во процесот на подготовка и усвојување на националниот закон за заштита на почвите. Активностите се спроведуваат во рамки на проектот „Промовирање одржливо управување со земјиштето (SLM) преку зајакнување на правната и институционалната рамка, градење капацитети и обновување на најранливите планински предели“.
Во 2024 година, Европската Унија го усвои Законот за мониторинг и отпорност на почвите (EU Law on Soil Monitoring and Resilience), со кој се воспоставува систематски пристап кон следењето на здравјето на почвите, идентификацијата на деградираните и загадените локации, како и планирањето на нивна санација. Овој чекор недвосмислено покажува дека почвата станува стратешки приоритет на европско ниво. За Северна Македонија, усогласувањето со овие стандарди претставува обврска и можност за модернизација на националните политики и заштита на сопствениот природен капитал.
Заштитата на почвата во државава бара јасна законска рамка, воспоставување национален систем за мониторинг, јакнење на институционалните капацитети и подигнување на јавната свест.
Ова претставува императив, затоа што, почвата не е инертен материјал кој може бесконечно да издржува притисоци. Таа е жив систем, чувствителен и ограничен, а начинот на кој се однесуваме кон неа денес, го одредува квалитетот на животот на идните генерации. Со други зборови, не треба да заборавиме дека почвата не ја наследуваме од нашите предци, туку дека ја позајмуваме од нашите потомци.
(Фото. Кумановоњуз)
2008 - 2026 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk