Поддршка од ГИЗ за јавните претпријатија во време на ковид-19

17.11.2020 09:00 | KumanovoNews

Средства за дезинфекција, маски, ракавици, заштитни одела, визири, чизми... во вкупна вредност од околу 40.000 евра, добија 23 јавни комунални претпријатија од 20 општини во земјава, обезбедени од Германското друштво за меѓународна соработка – ГИЗ.

Поддршка од ГИЗ за јавните претпријатија во време на ковид-19

Пакетите ќе бидат доставени во периодот од 16 до 20 ноември, а наменети се за општините Куманово, Битола,  Струмица, Гостивар, Штип, Берово, Делчево, Кочани, Виница, Пехчево, Ресен, Прилеп, Охрид, Илинден, Радовиш, Пробиштип, Гевгелија, Маврово и Ростуше, Дојран и Неготино.

„Поради пандемијата на Ковид-19, локалните самоуправи и јавните комунални претпријатија се под притисок повеќе од кога било претходно, да обезбедат соодветни услуги и да одговорат на високите хигиенски стандарди. Во Северна Македонија, сакаме да им дадеме посебна поддршка на јавните комунални претпријатија во форма на заштитна опрема и материјали за да можат да обезбедат соодветни услуги и да одговорат на високите хигиенски стандарди при заштитата на објектите, работните места, јавните површини и секако да им овозможат на вработените што подобра заштита,“ рече менаџерот на Отворениот регионален фонд за модернизација на општинските услуги, Питер Волф.

Како одговор на пандемијата со Ковид-19 и имајќи ги предвид специфичните потреби и предизвици со кои се соочуваат јавните комунални претпријатија во регионот, ГИЗ обезбеди и пакети за итни случаи кои содржат средства за дезинфекција и заштитна опрема за сите шест земји од Западен Балкан, соопштија од Канцеларијата на ГИЗ во Скопје.

Вкупната вредност на оваа мерка за справување со ковид-19 е 400.000 евра, додека вредноста на пакетите за заштита е околу 200.000 евра.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk