„Порака наша“ прослави 9 години постоење

30.11.2015 13:16 | KumanovoNews

Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост “Порака наша“ денеска слави 9 години постоење и успешна работа.

„Порака наша“ прослави 9 години постоење

По тој повод, а воедно и во пресрет на 3 декември-Светскиот ден на лицата со хендикеп во Уметничката галерија се одржа свеченост, на која корисниците на “Порака наша“ ги презентираа своите активности. Тие ги изложија своите рачни изработки, списанието “Лице в лице“ кое го продаваат, ги покажаа своите кулинарски вештини, изработката на филц и друго.

Научија да шијат на машина, да кројат, да сечат. Правиме украси од разни материјали, ги препознаваат. Ги праќаме да купуваат производи. Правиме изложби каде што и тие сами се учесници. Функционирањето на Дневниот центар сега засега е на едно солидно ниво. Секако дека се потребни повеќе Дневни центри. Кај нас во Куманово постојат само два, меѓутоа заради идните генерации се гледа дека има потреба капацитетот да се зголеми - изјави Емилија Цветковска, секретар во “Порака наша“.

Благодарници им беа доделени на градоначалникот Зоран Дамјановски, претседателот на Советот на општина Куманово, Максим Димитриевски, Нино Величковски од Фондацијата за култура и спорт, Лидија Михајловска директорката на “Наце Буѓони“, Димитар Ковачевски од Македонски телеком  и на волонтерот Емилија Стефановска за придонесот за „Порака наша“.

Благодарение на вакви луѓе успеавте да го доведете проблемот на рамништето каде треба да се реши. Тоа е на ниво на држава и пред се на локалната самоуправа. Без поддршка од ресорните министерства и локалната самоуправа не можеме да ги инклудираме овие луѓе во секојдневието. Треба да им дадеме право на еднаквост, и тоа зависи само од нас. Јас во мојата политичка кариера, која е долга се вклучувам активно колку што можам - кажа градоначалникот Дамјановски.

Тој вели дека за оваа работа треба внимание, трпение и упорност. Дневниот центар  “Порака наша“ има 21 корисник.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk