Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Министерството за труд и социјална политика (МТСП) вчера доставило решение до Општина Куманово со кое ги одзема ингеренциите за поставување и разрешување на директор или в.д. директор во детската градинка „Ангел Шајче“ во Куманово.
Градоначалникот Максим Димитриевски најави дека ќе ги употребат сите расположиви средства против ова решение.
„Борбата на општината нема да застане, ќе ги искористиме сите правни средства, ќе го обжалиме пред надлежен суд и ќе ја водиме нашата борба во делот на поголема децентрализација. Сметаме дека ова јавна институција заслужува да има еднаков третман како и останатите и да излезе од партиските пранги кои во моментот се се поцврсти“, кажа Димитриевски.
Тој тврди дека кандидатката која ја предлага Управниот одбор не ги исполнува условите, бидејќи 20 години последователно е директор на установата, а согласно член 37 од Статутот на градинката нема право на повторен избор пред истек на четири години од последниот избор. Членовите на УО кога по вторпат го пратиле предлогот до Општината, го смениле и спорниот член.
Локалните власти изразуваат разочарување со развојот на настаните и сметаат дека со ова решение историјата се повторува.
„Ова централна власт не се согласува со неистомислениците, секогаш мора да се работи по нивен диктат. Ова е најгрубо кршење на децентрализацијата во државата.Со ова, уште еднаш, само потврдуваат дека имаат намера, спротивно на Статутот на ова институција, да постават директор, која веќе незаконски е на позицијата околу 20 години“, додаде Димитриевски.
На прес конференцијата пред два дена градоначалникот кажа дека назначил в.д директор на детската градинка „Ангел Шајче“ Куманово, но името не сакаше да го објави.
Пред 2 месеци, кога требаше да се распиша конкурсот за нов директор, Министерството повторно ги одзема надлежностите на Општина Куманово, но по два дена се премисли и ги врати.
Борбата за директорското место во Кумановската градинка е помеѓу локалната власт на Димитриевски и СДСМ.
Прв пат ингеренциите за поставување на директор на Димитриевски му ги одзеде Мила Царовска, министерка во Владата на Зоран Заев, и за директорка ја постави Марина Алексовска, која и сега е кандидат за функцијата.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk