Пожарот изгаснат, железничкиот сообраќај нормализиран, информираат надлежните

13.08.2019 10:22 | KumanovoNews

Големиот пожар, во кој гореа стари древни прагови, кај Железничката станица во Куманово е изгаснат, соопштуваат од Територијалната противпожарна единица Куманово.

Пожарот изгаснат, железничкиот сообраќај нормализиран, информираат надлежните

Пожарот кај нив бил пријавен вчера во 16.55 часот, а во 20.30 часот, бил ставен под контрола за да не се прошири кон соседни објекти. До 03.45 часот по полноќ пожарот е изгаснат, информираат од ТППЕ Куманово.

 Во гаснењето учествувале 10 противпожарни возила и 30 пожарникари од Кумановската противпожарна единица, десетина работници и специјална композиција- цистерна за гаснење на пожари на железницата.

Од Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија – Скопје, утринава информираат дека железничкиот сообраќај е нормализиран.

 „Заради гаснењето на синоќешниот пожар што зафати стари дрвени прагови за пруга кај железничката станица Куманово, од безбедносни причини беше исклучен напонот за електровлеча меѓу железничката станица Куманово и железничката станица Табановце во 17.35 часот“, информира од Железница.

Според Железници, сообраќајот на возовите меѓу железничката станица Куманово и железничката станица Табановце се одвива редовно за патнички и товарни возови со провлекување на возовите со дизел локомотиви.

Во големиот пожар биле зафатени стари дрвени прагови наредени во должина од 50 метри и висина од десет метри, кои  железницата  ги скаладирала во близина на станицата.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk